Британските научници и инженери за прв пат успешно истрелаа ласерско енергетско оружје со голема моќност од борбено возило на британската армија. Револуционерниот тест, како што тие велат, бил спроведен на полигонот на лабораторијата Dstl (Defence Science and Technology Laboratory) во Портон Даун. Ласерското оружје неутрализирало цели на растојанија поголеми од 1 км.
Како дел од Програмата за демонстрации на Копнено ласерско насочено енергетско оружје (Land Laser Directed Energy Weapon – LDEW) на британското Министерство за одбрана, при спроведувањето на тестовите ласерот бил монтиран на оклопно возило Wolfhound на британската армија.
Технологијата е развиена со цел да биде евтина, прецизна и моќна одбрана од воздушни закани, какви што претставуваат беспилотните летала (дроновите). Таа вклучува систем за радарски надзор со можности за следење, којшто им обезбедува на војниците приказ од различни цели на различни локации, и систем за управување, којшто врши распределба по приоритет на поединечните цели. Овие испитувања се резултат на заедничката работа на Dstl, DE&S и конзорциумот од добавувачи од ОК, вклучувајќи го и Raytheon.
„Успешното тестирање на ова високоенергетско ласерско оружје означува клучен момент во нашите тековни напори за подобрување на идните оперативни способности на британската армија“, вели Мет Корк, водач на програмата Dstl. „Оваа технологија нуди прецизни, моќни и исплатливи средства за да ги победиме воздушните закани, обезбедувајќи поголема заштита за нашите сили”.
Следната фаза на тестирање е поместена за подоцна оваа година, а ќе вклучи и тестови во кои би бил вклучен и армиски персонал. Преку нив ќе се направи дополнителна проценка за способностите и придобивките на системот во повеќе сценарија од реалниот свет.
„Ова е уште еден значен чекор кон забрзување на усвојувањето на насочено енергетско оружје“, додава главниот извршен директор на Dstl, д-р Пол Холинсхед. „Работејќи сè поблиску со DE&S и индустријата заради развој на критични нови способности, ние ги подготвуваме вооружените сили за иднината за тие да можат да ги детектираат, оневозможат и да ги уништат идните и новите видови на закани“.
Извор Electronics Weekly