Хроничната срцева слабост е катастрофална состојба која се јавува кога срцето станува послабо или помалку ефикасно во пумпањето на крвта низ телото. За луѓето кои живеат со срцева слабост, вештачките срца би можеле да се покажат како остварлива алтернатива наспроти ретко достапните и спроведувани трансплантации на срце. За волја на вистината обидите за создавање на функционално вештачко срце и не се сосема нова работа, но се чини дека новиот титаниумски имплант ги има сите потребни атрибути за брза примена во практиката...
Целосно вештачкото срце BiVACOR, дизајнирано од австралискиот научник д-р Даниел Тимс, за првпат успешно имплантирано во човек.
BiVACOR претставува целосно вештачко срце дизајнирано за во целост да ја преземе функцијата од срцето што откажува кај пациентот. Компактниот уред, претставен за првпат пред некоја година, има само еден подвижен дел – вртлив диск чијашто ротација и место се одржува со магнетно поле. Бидејќи роторот е бесконтактен, првичните проценки за уредот се дека тој ќе биде исклучително издржлив, со очекуван животен век до 10 и повеќе години.
BiVACOR TAH Product Clip from BiVACOR on Vimeo.
Имплантацијата на првото вештачко срце од овој тип во пациент со срцева слабост се случи на 9 јули, во рамки на студијата за рана изводливост (Early Feasibility Study) спроведена од Управата за храна и лекови на САД (US Food and Drug Administration), која има за цел да ја процени безбедноста и перформансите на уредот како решение за пациенти со тешка бивентрикуларна или унивентрикуларна срцева слабост.
Целосно вештачкото срце BiVACOR прикачено на лажна циркулациска јамка за тестирање на перформансите на хидрауликата на пумпата со д-р Даниел Тимс, основач и директор на компанијата. Фото: BiVACOR, Inc.
Срцевата слабост погаѓа најмалку 26 милиони луѓе ширум светот, а распространетоста на оваа состојба е во постојан пораст.
„Институтот за срце во Тексас е воодушевен од револуционерната прва имплантација на целосно вештачкото срце на BiVACOR“, вели д-р Џозеф Роџерс, претседател и извршен директор на Тексашкиот институт за срце во САД и главен американски истражувач вклучен во студијата. „Имајќи предвид дека срцевата слабост останува водечка причина за смртност на глобално ниво, целосното вештачко срце BiVACOR нуди светило на надеж за безброј пациенти кои чекаат трансплантација на срце“, додава тој.
Секако, патот до рутинска примена и имплатација на вештачкото срце на BiVACOR кај пациентите на кои им е потребно е сѐ уште долг, и зависи меѓу другото и од понатамошната состојбата на првиот пациент – примател на вакво вештачко срце.