Македонските ученици и ученички продолжуваат да нижат успеси на меѓународните СТЕМ натпревари. На четвртата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која од 21 до 27 јули се одржа во Велдховен, Холандија, македонските ученички постигнаа нов голем успех, освојувајќи два бронзени медала.
Бронзените медали за Македонија на ова престижно интернационално натпреварување ги освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид, а достоен резултат постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот беше предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје.
На ЕОИД 2024 учествуваат вкупно 130 учеснички од 37 европски земји, а како претставници на земји-гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 65 ученички од 19 земји надвор од Европа (како Австралија, САД, Египет, Сингапур, Саудиска Арабија и др.).
Ученичките кои се дел од македонскиот тим на ЕОИД 2024 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Ако се вклучат и овие два медали, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. ЕОИД има за цел да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво. Оваа олимпијада игра клучна улога во охрабрувањето на повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде жените често се недоволно застапени. Преку обезбедување на пријатна и натпреварувачка средина, ЕОИД има за цел да ги инспирира и да им овозможи на девојките да се истакнат во полето на информатиката.
Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ и лидер на тимот, проф. д-р Миле Јованов вели: „Успехот кој го постигнаа девојките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нашата посветеност како професори и како Здружение да го развиваме тој талент. Оваа година, Македонија имаше и петти натпреварувач. Ученичката Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за нашата држава, годинава како ученичка во Хрватска, учествуваше во хрватскиот тим за кој освои медал. Софија е пример за целата класа ученици кои ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка која тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и неколку општествено одговорни компании како Сорсикс, Нетцетерa, Фјуриос авокадо, кои може да се избројат на една рака, ние нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите кои ги прави нашето здружение и останатите научни здруженија кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата заради чувство на незадоволство од институциите.“
Повеќе кај Здружение на информатичари на Македонија