Додека сите се возбудени и ги следат спортските натпреварувања на олимпијадата во Париз, денес, 28 јули се спушти завесата за едно поинакво натпреварување. Со завршната свечена церемонија за додела на медалите и наградите за најуспешните, заврши 54. Меѓународна Олимпијада по физика што во перуодот од 21 до 29 јули се одржува во Исфахан, Иран. А бербата на медали за македонскиот тим на физичари повторно е значајна.
Нашите млади физичари повторно имаат со што да се пофалат. Тие на Македонија и го донесоа најголемиот успех од почетокот на учеството на учениците од Македонија на оваа олимпијада, од 1996 година до денес – еден сребрен медал, два бронзени медала и една награда за успешно учество (пофалница).
Најголемиот дострел, сребрениот медал, повторно на Македонија ѝ го донесе Јан Стојановски, ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“во Скопје. За потсетување, истиот ученик пред само една недела освои златен медал на Осмата Европска Олимпијада по физика.
Бронзени медали освоија Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичко-информатичка гимназија во Скопје; и Андреј Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“во Скопје. Наградата за успешно учество ѝ беше врачена на Матеа Митревска, ученичка во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Своето знаење на оваа олимпијада го покажа и Дамјан Стојанов, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“во Скопје.
Водачи на тимот беа проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, и Војо Митревски, апсолвент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје и поранешен олимпиец.
На 54. Меѓународна олимпијада по физика учествуваа 197 ученици од 46 држави од светот.
Од сè срце им честитаме на младите физичари за успешното претставување на Македонија на овој светски настан и им посакуваме уште многу, многу успеси и научни достигнувања