Денес, во 22 часот и 50 минути (20:50 UTC), официјално започнува летото. Ова значи дека на денот на летниот солистициум, Сонцето ја достигнува највисоката точка на небото над северната хемисфера, што го прави 20 јуни најдолгиот ден во оваа година за секое место северно од Северниот напоредник (23°26′). По летната долгоденица, времето на дневна светлина станува сè пократко, секој ден, сè до денот на зимската краткоденица во декември.
Ова се должи на накосеноста од 23,4 степени на оската на Земјата. Токму поради ова, на денот на летната долгоденица Северниот Пол на Земјата е навален кон Сонцето. Ова објаснува и зошто периодот на дневна светлина е подолг на северната хемисфера во текот на летните месеци, а особено на Северниот Пол, каде што Сонцето нема да зајде сè до септември, на есенската рамноденица. Иако астрономскиот почеток на летото речиси секоја година се случува во различно време, она што е сигурно е дека секогаш паѓа на некој од датумите од 20 до 22 јуни.
За време на летната сезона, Земјата ја достигнува најдалечната точка на својата орбита околу Сонцето, а сепак, токму тогаш започнува најтоплото годишно време за нас, на северната хемисфера. Оваа привидна противречност се објаснува со начинот на којшто сончевата светлина паѓа на површината на планетата. Зголемувањето на температурата во овој период се должи на зголемување на количеството сончева светлина коешто паѓа на метар квадратен.
Поради накосеноста на оската, северната хемисфера е изложена на толку многу сончева светлина по метар квадратен, што се загрева. Притоа потребно е извесно време за летната жештина да земе полн замав, бидејќи на океаните им треба подолг период за да се загреат.
Но иако имаме најдолг ден во текот на летото, ова сепак не значи и дека ноќта е најкратка. Самракот во овој период од годината трае подолго време поради начинот на прекршување на светлината при изгрејсонце и зајдисонце.
Почетокот на летото и летниот солистициум е време на прослави во многу култури и религии ширум светот и тие се одбележуваат со разноразни фестивали и обичаи. Подолу на видеото може да го проследите дочекот на летото во познатата мегалитска опсерваторија Стоунхенџ.
Официјалниот крај на летото, и почеток на есента, оваа година во Македонија ќе биде на 22 септември во 14 часот и 43 минути.