Рубрика: Информатика
Толкување на лаежот на кучето со вештачка интелигенција
Објавено на 20.06.2024 - 14:15

Колкупати сте помислиле дека вашето куче му недостасува уште само да прозбори? Можеби конечно дочекавме ова да се оствари :) Па, добро, можебои не баш буквално, но благодарение на вештачката интелигенција можеби ќе можеме да ги толкуваме вокализациите на нашите четириножни пријатели, дали кучето лае радосно или агресивно, а од неговите вокализации ВИ може да ги погоди и возраста, расата и полот.

Група истражувачи од Универзитетот во Мичиген развиваат алатки способни да разликуваат среќно и агресивно лаење и да добијат информации како што се возраста, расата и полот на животното. Резултатите од студијата беа претставени минатиот мај во Торино на Заедничката меѓународна конференција за компјутерска лингвистика, јазични ресурси и евалуација.

Една од главните пречки за развојот на модели на вештачка интелигенција способни да ги анализираат вокализациите на животните е недостатокот од јавни податоци. Имено, ако снимки од разговори на луѓе има во изобилие, собирањето на овој тип од животните е многу потешко. „Треба пасивно да ги снимате во дивината или, во случајот на домашните миленици, потребно е да побарате дозвола од нивните сопственици“, објаснува Артем Абзалиев, координатор на студијата.

Собирање податоци за стимулот „играње со играчка“; сопственикот го стимулира кучето користејќи играчки со кои кучето вообичаено си игра.

За да го надминат проблемот, истражувачите повторно употребиле постоечки модел на вештачка интелигенција првично развиен да го анализира човечкиот јазик. На овој начин тие добиле можност да се потпрат на технологии што се веќе обемно тестирани – врз основа на различни алатки што ги користиме секој ден, како што се транскрипцијата од говор во текст или превод – обучени да ги препознаваат различните нијанси на човечкиот јазик како тон или акцент и да ги конвертираат овие информации во формат што компјутерот може да го користи за потоа да идентификува зборови, да препознае јазик итн.

Авторите користеле 74 снимки на вокализации од кучиња од различни раси, возраст и пол, снимени во различни контексти. Врз основа на овие податоци, моделот со вештачка интелигенција можел не само да класифицира дали вокализацијата е радосна или агресивна, туку и да ја дефинира возраста, расата и полот на кучето; исто така моделот ги надминал резултатите постигнати од другите модели обучени единствено на кучешко лаење, враќајќи точни резултати во речиси 70% од случаите. „Резултатите покажуваат дека звуците добиени од човечкиот говор може да се користат за анализа и разбирање на акустичните обрасци на други звуци, како што се вокализациите на животните“, објаснува Рада Михалчеа, еден од авторите.

Покрај олеснување на работата на биолозите и на етолозите, разбирањето на јазикот на животните може да придонесе и за нивна благосостојба – можноста да се разберат нијансите во вокализациите на кучињата, истакнуваат авторите, може да им помогне на луѓето да ги разберат нивните физички и емоционални потреби, да научат да се грижа за нив најдобро што можат и да се избегнат потенцијално опасни ситуации.

Клучни зборови:
Собирање податоци за стимулот „играње со играчка“

Собирање податоци за стимулот „играње со играчка“; сопственикот го стимулира кучето користејќи играчки со кои кучето вообичаено си игра.