Рубрика: Информатика
Апликација за “одлепување” од смартфон екранот
Објавено на 18.06.2024 - 13:00

Тајната за помалку користење на паметниот телефон е намалување на неговите перформанси со одложување на одговорот при допир – ќе биде толку иритирачки што ќе го оставиме телефонот настрана.

Колку време поминувате пред екранот на вашиот паметен телефон? Веројатно најчестиот одговор ќе биде „премногу“. Мнозинството корисници кои решиле да го одморат, да го заштитат своето здравје и да го подобрат квалитетот на социјалниот живот, избрале да преземаат блокирачки апликации од типот на StayFree, Stay Focused, YourHour, Screentime+ итн. Сепак, факт е дека софтверот од овој тип е премногу ригиден и честопати знае да предизвика огорченост кај корисниците, па целиот експеримент завршува со деинсталирање.

За да го надминат овој проблем, истражувачите од Универзитетот во Мичиген експериментирале со помек начин на надминување на зависноста, тестирајќи ја новата апликација наречена InteractOut. Апликацијата ви овозможува да поставите вкупно дневно време за користење на телефонот за рекреативни цели, како и ограничување на игрите, социјалните мрежи или апликациите за стриминг. Меѓутоа, штом поставеното време ќе истече, уредот не се замрзнува, туку постепено почнува да ги намалува своите перформанси со забавување (или превртување) на скролот, примена на одложен одговор на екранот на допир или намалување на прецизноста на допирот.

Клучен момент за постигнувањето на добри резултати на тестовите бил фактот што новата апликација е помалку инвазивна, а сепак е потешка за игнорирање. Сите програми насочени кон блокирање на користењето на одредени функции на телефонот, всушност, испраќаат предупредувања што може да се заобиколат или одложат, избор што ја намалува нивната ефикасност.

Тестовите опфатиле 42 учесници кои ја користеле апликацијата повеќе од еден месец. Во првите седум дена, истражувачите се фокусирале на тоа колку често секој субјект го користел уредот, со цел да постават репер. Потоа, секој од учесниците ја инсталирал апликацијата InteractOut на својот телефон со Android и избирал кои апликации да бидат следени. Истражувачите го поставиле дневното време на користење на точно еден час, по што во следните две недели побарале од корисниците да се однесуваат како што мислат, оставајќи ги опишаните ограничувања активни или исклучени во зависност од тоа колку сакале да го користат уредот.

Конечно, во преостанатиот период, учесниците ја тестирале Timed Lockout, традиционална апликација што функционира со заклучување на екранот. На крајот од студијата, се покажало дека InteractOut не само што ги направил корисниците помалку нетрпеливи, оставајќи го телефонот достапен и активен во 62% од вкупното време (наспроти 36%забележани при другиот метод), туку во глобала успеал да го намали, во просек, само 16% од времето поминато пред екранот.

„Целта на иновациите што ги воведува оваа апликација е да го наведат корисникот да се убеди дека тој самиот одлучил кога да го исклучи паметниот телефон, а не дека апликацијата го направила тоа за него“, објасни др. Анхонг Гуо, еден од инженерите кои работеле на проектот. Сепак, развојниот процес е далеку од завршен.

Во одредени случаи учесниците го опишале InteractOut како премногу наметлив, нагласувајќи ја потребата од приспособување на неговите функции во зависност од активноста што се спроведува. На пример, кај некои игри намалената прецизност на допирот е еквивалентна на губење во играта, слично како што и на социјалните мрежи ова може да доведе до правење грешка во интеракцијата (на пример, ставање лајк наместо емотикон за лутина). Апликацијата, исто така, се покажа како мошне неефикасна во случај на користењет на видео стриминг услуги, за кои не е потребна голема интеракција, и токму поради оваа причина апликацијата ќе биде лансирана на пазарот дури откако ќе се решат сите овие критични проблеми.

Клучни зборови: