Дански научници открија џиновски вируси на површинскиот мраз на Гренланд. Овие организми се гигантски во релативна смисла – со пречник од околу 2,5 микрометри наспроти пречникот од 0,02-0,2 микрони кај типичните вируси, и имаат геном којшто е околу 10 пати подолг. Иако овие микроби се „џинови“, сè уште е невозможно тие да се видат без микроскоп.
Веќе долго време вирусите се познати како жители на океаните, присутни и под вечниот мраз (пермафрост) на Арктикот, како и кај поголемите организми, но овие вируси биле пронајдени помеѓу алгите што ги покриваат ледените санти, откриени при секвенционирањето на примероци од алгите. Тие откриле линии на генетски код слични на други познати вируси. Но, вистинската природа на џиновските вируси на Гренланд не е позната.
Лаура Перини, еколошки микробиолог од Универзитетот Архус во Данска, смета дека тие можат да се инјектираат во други организми и ефективно да станат природна контрола за ширење на снежните алги, при пролетното одмрзнување на мразот на Гренланд.
Алгите го потемнуваат мразот. Кога тоа ќе се случи, мразот рефлектира помалку сончева светлина и се топи побрзо. Неколку области на Гренланд се покриени со црни алги. Фото: Лаура Перини
„Не знаеме многу за вирусите, но мислам дека тие би можеле да бидат корисни како начин за ублажување на топењето на мразот предизвикано од цветањето на алгите“, вели Перини. „Колку тие се специфични и колку би биле ефикасни, сè уште не знаеме. Но, со нивно понатамошно истражување, се надеваме дека ќе одговориме на некои од овие прашања“.
Наместо едноставно да ги прифати трагите од вирусната ДНК како доказ за постоењето на џиновските вируси, Перини трагала по потписи од краткотрајната гласничка РНК – едноверижна генетска молекула што се користи за кодирање на протеините во организмите.
РНК-та има краток век на траење во околината, во надворешни услови, па доказите во примероците се користени за да се потврди присуството на активни вируси.
„Ги анализиравме примероците од темниот мраз, црвениот снег и дупките за топење [слоеви од микробна и минерална прашина што ги покрива глечерите]“, вели Перини. „И во темниот мраз и во црвениот снег најдовме знаци на активни гигантски вируси. Ова е првпат да се најдат на површинскиот мраз и снег кои содржат големо изобилство на пигментирани микроалги."
Тие пигментирани алги, исто така, претставуваат егзистенцијален проблем за Гренланд. Стапката на топење на масивниот леден слој се влошува со глобалното затоплување. Но, одбранбен механизам постои.
Белиот снег и мразот се рефлективни и процент од топлинското зрачење од Сонцето се рефлектира назад кон вселената. Но, алгите со темна боја го намалуваат албедото (мерка за рефлективност на светлината) на Гренланд. Перини смета дека џиновските вируси би можеле да се покажат корисни за контролирање на цветањето на алгите на површината на Гренланд и за стабилизирање на албедото.
„Мислам дека тие би можеле да бидат корисни како начин да се ублажи топењето на мразот предизвикано од цветањето на алгите“, вели Перини. „Колку се тие специфични и колку би биле ефикасни, сè уште не знаеме, но со дополнително истражување, се надеваме дека ќе одговориме на некои од тие прашања“.
Наодите на Перини се објавени во списанието Microbiome.