По серија одложувања и неочекувани настани, се чини дека вселенското летало Старлајнер (CST-100 Starliner) на Боинг е конечно подготвено за својот прв вселенски лет со екипаж. Лансирањето, сега закажано за утре – сабота, 1 јуни, во 18 часот и 25 минути (по македонско време) од вселенската станица Кејп Канаверал, означува важна пресвртница за програмата Commercial Crew на НАСА и американската воздухопловна и вселенска индустрија.
Со мисијата Crew Flight Test (CFT), астронаутите на НАСА Буч Вилмор и Суни Вилијамс треба со капсулата Старлајнер да се упатат кон Меѓународната вселенска станица (МВС). Оваа мисија е од суштинско значење за да се утврдат можностите на вселенското летало и тоа да добие сертификат за идните оперативни мисии со екипаж.
Boeing Starliner за време на тестирањето во 2022 година
Патот до лансирањето не беше без предизвици. Starliner се соочи со неколку одложувања. Дополнително, обидот за лансирање на 6 мај беше прекинат поради технички проблем со ракетата Атлас V. Но, и покрај предизвиците, тимовите од НАСА, Боинг и Јунајтед Лонч Алајанс (УЛА) неуморно работеа за да ги решат проблемите и да ја осигураат безбедноста на екипажот. Малото истекување на хелиум во погонскиот систем на Старлајнер се смета за некритичен и дека не претставува ризик за мисијата.
Засега одобрение за лансирање има, Вилмор и Вилијамс се наоѓаат во Кејп Канаверал и се подготвуваат за полетувањето, а и временската прогноза е поволна, со 90% шанси за оптимални услови за лансирање.
Леталото Старлајнер е клучен елемент од програмата Commercial Crew, која има за цел дополнително да ја намали зависноста на НАСА од руска помош за лансирања во вселената. Имено, флотата од четири Crew Dragon летала на SpaceX е веќе во функција, па додавањето на Starliner во американската комерцијална флота ќе обезбеди поголема флексибилност и транспортен капацитет за астронаутите кои се упатуваат кон МВС.
Астронаутите Суни Вилијамс и Буч Вилмор
Ако се оди според планот, Вилијамс и Вилмор ќе пристигнат на МВС во недела попладне каде ќе поминат околу осум дена, спроведувајќи научни експерименти и извршувајќи разни задачи за одржување. На крајот од мисијата, Старлајнер ќе се врати на Земјата, слетувајќи во пустината на западниот дел на САД.
Ако мисијата CFT биде успешна, Боинг планира да започне со оперативни мисии и превоз на екипаж до МВС почнувајќи од февруари следната година. Ова ќе отвори нови можности за научните истражувања и истражувањето на вселената.