Враните се првото животно во светот , со исклучок на луѓето, што демонстрира способност да брои на глас. На ова укажуваат резултатите од студијата објавена во Science која вели дека овие птици, веќе познати по нивните математички способности, меѓу другото и разбирањето на концептот „нула“, имаат нумеричка интелигенција еднаква на онаа на човечко дете.
Истражувањето било спроведено во лабораторија, а сè уште не знаеме дали враните во природата имаат некаква корист од оваа способност. Испитаниците прво биле обучени, преку серија тестови, да поврзат визуелен или аудитивен стимул со одреден број вокализации, помеѓу 1 и 4, а потоа да му сигнализираат на експериментаторот кога завршиле со броењето.
Со поедноставни зборови, секоја врана научила дека кога ќе ѝ биде претставена одредена слика или звук мора да испушти помеѓу едно и четири гракања, а потоа со клунот да го допре екранот ако сака да каже „завршив“. Во тој момент, започнувала втората фаза од експериментот што вклучувала тестирање на она што веќе сме го научиле за враните.
Не сите врани биле 100% во право на тестовите, но процентот на точни одговори бил доволно висок за да се исклучи можноста за случајно совпаѓање. И не само тоа, грешките секогаш биле „ограничени“, во смисла дека одвреме-навреме некоја од птиците испуштала, на пример, три гракања наместо четири, а не едно наместо четири.
Ова е истиот начин на броење што го користат децата пред да ги научат вистинските броеви, кои претставуваат симболи што ги поврзуваме со одредено значење. Според авторите на студијата, способноста на враните да бројат гласно би можела да биде прв еволутивен чекор кон вистински математички способности, такви какви што ние луѓето ги разбираме.