Бомбите и другите остатоци од експлозивни направи останати "заробени" во почвата и неексплодирани, по Првата и Втората светска војна, стануваат сè поопасни. Ова е заклучокот на двајца норвешки експерти за експлозивни направи од Универзитетот во Ставангер и Норвешкиот институт за истражувања од областа на одбраната, кои демонстрирале хемискиот состав на овие бомби и гранати го зголемува ризикот тие да експлодираат дури и при минимален стрес. Во нивната студија, чии резултати се објавени во Royal Society Open Science, Геир Новик и Денис Кристенсен ги опишуваат нивните тестови спроведени врз пронајдените бомби и објаснуваат што притоа било откриено.
Армиите кои учествуваале во двете светски војни зад себе оставиле големо количество експлозивни направи во многу области на Европа. Како што веќе покажаа некои истражувања во минатото добар дел од нив останале неексплодирани и закопани во земјата, а многу од нив сѐ уште се таму. Некои од нив повремено се откриваат при разни ископувања.
Визуелна инспекција на неексплодирана британска авиобомба пронајдена во Кобленц, Германија, во 2011 година Извор: Википедија Фото: Holger Weinandt
Вакви примери од балканските простори има многу: во септември 2019 година во Сараево, при градежен ископ во центарот на градот биле откриени четири неексплодирани авиобомби од Втората светска војна; во октомври 2020 при градежни работи на стадионот Тумбе Кафе во Битола беа откриени дури 595 парчиња неактивирани гранати од Првата светска војна; во март 2023 година во близина на Градското пристаниште во Охрид беше пронајдена и успешно отстранета неексплодирана бомба од Втората светска војна; итн. Но не сме саде ние и тука. Во февруари, на пример, беше откриена бомба тешка 500 килограми во дворот на една куќа во Плимут, во Велика Британија. Таа бомба беше безбедно отстранета, но некои други случаи немаа толку поволен исход. Таков е случајот кога при ископувања во Хатинген, во Германија, во 2008 година, багер наиде на бомба на која експлодираше, при што беа повредени неколку лица.
Најзначајниот и најалармантен аспект од студијата на Новик и Кристенсен лежи во заклучокот: како што одминува времето, овие неексплодирани бомби стануваат се почувствителни на каков било стрес, со ризик да експлодираат и доколку само се допрат.
Проблемот, како што истакнауваат произлегува од фактот што многу од бомбите и другите видови експлозиви од тоа време биле изработувани со помош на аматол, материјал кој се добива со мешање на амониум нитрат со ТНТ (тринитротолуен). Оваа смеша, како што објаснуваат истражувачите, станува сè понестабилна со текот на времето поради бавната изложеност на влага, метали во почвата и други материјали.
Истражувачите спровеле и низа тестови со фрлање на тешки материјали врз мали примероци од аматол, собрани од локации ширум Европа кои биле цели на масивни бомбардирања.
Ова потврдило дека таквите бомби има голема веројатност да експлодираат дури и ако се не вознемират на премногу нагол начин, како што се случува на пример при орање или при градежни работи од типот, на пример, поставување темели на нови згради. Како заклучок, истражувачите предлагаат (очигледно) преземање поголеми мерки на претпазливост при изведба на ископи во областите каде што е поверојатно присуството на неексплодирани убојни средства.