Рубрика: Историја и археологија
Мал, 1800 години стар портрет од Александар Македонски пронајден во Данска
Објавено на 25.04.2024 - 15:15

Минијатурата била откриена со детектори на метал од страна на Фин Ибзен и Ларс Даниелсен, кои го пребарувале полето во близина на Рингстед, град на островот Зеланд, 50 километри југозападно од главниот град на Данска, Копенхаген. Бронзениот артефакт, со пречник од околу 2,7 сантиметри и изработен од бронзена легура, му бил предаден на Музејот на Западен Зеланд.

За малку ќе паднав од столот“, вели данскиот археолог Фрерк Олденбургер, вработен во музејот, опишувајќи го моментот кога сфатил дека во рацете држи мал бронзен портрет на Александар Велики пронајден во Данска. Во своите коментари за Live Science Олденбургер вели дека ликот „ги има типичните атрибути на Александар Велики, како што се карактеристичната кадрава коса и овновските рогови“.

Мини портретот датира од околу 200 година од нашата ера. Ова значи дека е изработен приближно во времето на владеење на римскиот император Каракала, кој владеел од 198 до 217 од н.е.

Знаеме дека тој бил целосно опседнат со Александар Велики и се интересирал и бил инспириран од него, бидејќи тој бил најголемиот освојувач од тоа време“, објаснува Олденбургер. Каракала честопати се „облекувал во ист стил и верувал дека е реинкарнација на Александар Велики“, додава Олденбургер. „Каракала, исто така, е единствениот император во своето време кој е прикажан со штит на кој има портрет на Александар Велики“.

Римскиот император Каракала (десно) бил опседнат со ликот на Александар Македонски (лево)

Иако Римската империја во тоа време не се протегала на север до Данска, трговските врски и размена на добра помеѓу Римјаните и северот и истокот биле вообичаени.

За време на владеењето на Каракала имало голема битка помеѓу војските на германските племиња која се случила на тлото на данскиот полуостров Јитланд поточно во регионот на Илеруп Одал. Ископувањата откриле дека многу од штитовите користени во судирот биле украсени со портрети на воини, се вели во соопштението на Музејот на Западен Зеланд.  И покрај тоа што битката се одвивала на речиси 2000 километри од родното место на Александар, во Македонија, еден од овие портрети е од Александар Велики. Новооткриената дршка е речиси идентична.

Но, овој [портрет] е малку погруб и е изработен од лиена бронза, а не од позлатено сребро“, вели Олденбургер. „Бронзената легура, исто така, содржи висок процент на олово и е изработена со користење на легура што често се среќава во бронзените статуетки [од римско време]. Сосема е можно дека за изработка на овој портрет била стопена некоја ваква статуетка“.

Според Олденбургер се работи за уникатен наод што ја поврзува Скандинавија со една од најпознатите личности во историјата.

Клучни зборови:
Римскиот император Каракала бил опседнат со ликот на Александар Македонски

Римскиот император Каракала (десно) бил опседнат со ликот на Александар Македонски (лево)