На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) започна 12 издание на Робомак и 4 издание на Робомак јуниор. На двата Робомак настани учествуваат околу 115 учесници – студенти и средношколци. Робомак 2024 претставува меѓународен натпревар, семинар и студентска конференција во полето на роботиката, електрониката, автоматиката и вештачката интелигенција. Финалниот натпревар во сите категории ќе се одржи на 27.4.2024. Носители на настанот се македонската секција на ИЕЕЕ (IEEE – The Institute for Еlectrical and Еlectronics Еnginеers), преку нејзиниот студентски огранок при УКИМ и Факултетот за електротехника и информациски технологии, во коорганизација со Факултетското студентско собрание – ФЕИТ.
„Со гордост може да кажам дека традицијата која ја постави Робомак прераснува и во бренд во нашата држава, брендот на Робомак, кој е познат меѓу студентите и средношколците. Бренд кој е синоним за роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција“, рече деканот на ФЕИТ, професор д-р Владимир Атанасовски на отворањето на Робомак.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Владимир Атанасовски
Проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во своето обраќање потенцираше дека овој настан претставува збир на талентирани умови и доказ за зголемената важност на роботиката и вештачката интелигенција во општеството.
Проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј' – Скопје
Работејќи во тимови, студентите имаат можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија. Учесниците ќе се натпреваруваат во следните категории: Sence the Color, Select the Line > Design from scratch a line follower with colour sensing abilities, AI Football > Program intelligent agents to find and eliminate opponents in a dynamic environment, Robotic Arm Challenge > Combine robotics and machine vision to accurately sort objects, The ChatBot Challenge > Command your ChatBot to victory in this speech-driven robotics competition и Self-Racing Cars > Program and unleash NVIDIA JetBots for self-racing car showdown. Покрај ова, ќе имаат можност да присуствуваат на предавања од овие области.
Како паралелен настан на RoboMac 2024, по четврти пат се организира и натпреварот за средношколци, RoboMac Junior 2024. Носители на настанот се ФЕИТ и IEEE. RoboMac Junior 2024 е натпревар за средношколци во роботика, автоматика и електроника, кој ќе трае до четврток. Натпреварот се одржува во просториите на ФЕИТ и на него учествуваат 54 ученици од четврта година од 26 средни училишта од Р.С. Македонија, поделени во 2 категории. Освен активностите од натпреварувачки карактер, учесниците имаат можност да следат и неколку предавања во кои ќе се претстават популарни теми од роботиката, автоматиката, вештачката интелигенција и електрониката, одржани од професори и експерти во областа. Категории во кои се натпреваруваат средношколците се RoboMac Junior – Автономна мобилна роботика и RoboMac Junior – Паметна електроника за автономни возила.
Преземено од ФЕИТ