Безбедноста не е само будно следење на состојбата. За вистинска сигурност потребен е проактивен став, подготвеност да се интервенира, да се одврати и ако е можно, да се спречи. Вистинската безбедност бара преземање акција. Во оваа насока размислува словенечката стартап компанија ОЗ-ИТ доо, која ја најави PaintCam Eve, проактивен безбедносен систем наменет за приватни корисници.
Замислете си безбедносен систем кој не само што набљудува, туку и интервенира, автономно и одлучно. Проектот презентиран на Kickstarter нуди сеопфатно решение – одвраќање, обележување и заплашување на натрапниците. Се работи за линија автономни уреди за следење на состојбата на имотот, кои користат сензори за детекција на движење и технологија за препознавање на лица, за да го заштити корисникот-домаќинот од потенцијални натрапници.
Лудото промо видео на компанијата, ветува дека системот Ева (Eve) ќе ги заштити домаќините од провалници, непосакувани посети од животни, како и од сите намерници/несреќници што ќе се дрзнат да го го игнорираат предупредувањето од системот со „нулта толеранција“. Имено, сите што ќе се оглушат на заканите од Ева, ризикуваат да бидат погодени од топчиња за paintball, или да бидат дури гаѓани со ситни капсули исполнети со солзавец.
За сите загрижени дека Ева може неселективно да го погоди песот или детето на соседот со пејнтбол волеј или случајно да му пушти солзавец на нервозниот поштар, не плашете се – роботскиот систем со вештачка интелигенција EVA врши видеопренос во живо до апликацијата на мобилниот телефон од корисникот, и ќе користи технолошки систем за препознавање на лица што ќе им овозможи на одредени луѓе и животни да ја поминат безбедносната проверка без “влакно да им фали”.
Промотивното видео на компанијата навестува и комбинација од можности за автоматски и мануелен скрининг. Во еден момент Ева е прикажана како дава вербално предупредување до натрапникот, нудејќи опција за натрапникот да го напушти безбедносниот периметар во рок од пет секунди, при што се слуша одбројување. Ако туѓинецот не успее да се оддалечи во дадениот рок Ева автоматски испукува кон неговите гради топче со боја.
Во друга ситуација корисникот е известен со пренос во живо за можен натрапник на имотот, кој всушност е момчето на неговата ќерка. Преку апликација PaintCam тој гледа како неговата избезумена ќерка мавта кон камерата на Ева за да го поштеди нејзиното момче, што таткото го дозволува. „Ако непознато лице се појави до некој познат – можеби новото момче на вашата ќерка – PaintCam ги одложува вашите упатства“, стои во дел од веб-страницата на производот. Веројатно, одредувањето на претходно овластени посетители би вклучило тие да дозволат 3D скен од лицето за да бидат вкучени во податочната база на Ева за идна референца.