Рубрика: Астрономија и астронаутика
Ѕвезден судир ја разрешува мистеријата на системот од три, пардон, две тела
Објавено на 15.04.2024 - 17:45

Маглината NGC 6164/6165 што го опкружува системот HD 148937 онака како што се гледа во видлива светлина

Набљудувањето на еден ѕвезден пар сместен во срцето на неверојатен облак од гас и прашина, се претвори во интересно изненадување. Вообичаено, ѕвездените парови се мошне слични, што би рекле “небаре јајце на јајце”. Но, ова не е случај и со системот HD 148937, каде едната ѕвезда се чини дека е помлада и дополнитело, за разлика од другата, таа е магнетна. Новите податоци од Европската јужна опсерваторија (ESO) укажуваат дека овој систем првично се состоел од три ѕвезди, но две од нив се судриле и се споиле. Овој насилен настан го создал околниот облак и засекогаш ја променил судбината на системот.

Системот, HD 148937, се наоѓа на околу 3800 светлосни години од Земјата во правец на соѕвездието Норма. Се состои од две ѕвезди, многу помасивни од Сонцето, опкружени со прекрасна маглина, облак од гас и прашина. „Маглина што опкружува две масивни ѕвезди е реткост, што нѐ поттикна да се чувствуваме како нешто навистина ‘кул’ да се случило во овој систем. Кога ги гледавме податоците, кул факторот само се зголеми“, вели Абигејл Фрост, астроном од ЕСО во Чиле и автор на студијата објавена во Science.

Поглед кон пределот на небото во правец на маглината NGC 6164/6165

По детална анализа, астрономите утврдиле дека помасивната ѕвезда се чини мошне помлада од нејзиниот придружник, иако тие би требало да се формирале во исто време. Разликата во годините – едната ѕвезда е најмалку 1,5 милиони години помлада од другата – укажува дека помасивната ѕвезда веројатно се “подмладила” при некој настан.

Уште една работа што "штрчи" е староста на маглината NGC 6164/6165, што ги опкружува обете ѕвезди – едвај 7500 години, што ја прави стотици пати помлада од обете ѕвезди. Во составот на маглината се детектирани многу високи количини на азот, јаглерод и кислород, што изненадува, со оглед на тоа што овие елементи вообичаено се сместени длабоко во внатрешноста на ѕвездата, а не надвор од неа. Ова билоуште една индикација дека во минатото системот претрпел некој бурен настан што овие елементи ги ослободил во околниот простор.

Бурната историја на ѕвездениот пар HD 148937

Со цел да ја разреши мистеријата, тимот ги проучил податоците собрани во текот на девет години со помош на инструментите PIONIER и GRAVITY, од телескопот VLTI на ESO. Покрај ова, тие ги искористиле и архивските податоци од инструментот FEROS од опсерваторијата Ла Сила на ESO.

Заклучокот е дека овој систем првично имал најмалку три ѕвезди! Притоа две од нив веројатно биле мошне блиску една до друга во една точка од орбитата, додека третата ѕвезда била пооддалечена. Овие две “внатрешни” ѕвезди насилно се претопиле во една, магнетна ѕвезда, при што била исфрлена голема количина ѕвезден материјал од којшто се создала околната маглина. Подалечната ѕвезда формирала нова орбита со "претопената", сега-магнетна ѕвезда, формирајќи го бинарниот пар што денес може да се види во центарот на маглината. 

Бурната историја на ѕвездениот пар HD 148937

Ова сценарио објаснува и зошто една од ѕвездите во системот е магнетна, а другата не е, што е уште една чудна карактеристика на HD 148937 забележана во податоците на VLTI. Истовремено, тоа помага да се реши и една долгогодишна мистерија во астрономијата: како масивните ѕвезди ги добиваат своите магнетни полиња. Имено, иако магнетните полиња се вообичаена карактеристика за ѕвездите со мала маса, како нашето Сонце, помасивните ѕвезди не можат да ги одржат магнетните полиња на ист начин. А сепак, некои масивни ѕвезди имаат магнетни карактеристики.

Астрономите подолго време се сомневаа дека масивните ѕвезди можат да стекнат магнетни полиња при спојување на две ѕвезди. Но, ова е прв случај истражувачите да пронајдат ваков директен доказ за оваа можност. Во случајот на HD 148937, спојувањето мора да се случило неодамна. Имено, според Фрост „Магнетизмот кај масивните ѕвезди не се очекува да трае многу долго споредено со животниот век на ѕвездата, па се чини дека овој редок настан го забележавме мошне бргу откако тој се случил“.

Екстремно големиот телескоп на ЕСО (ELT), којшто е во изградба во чилеанската пустина Атакама, ќе им овозможи на истражувачите подетално да откријат што се случило во системот, а можеби да пронајдат и уште некои изненадувања.

Извор Европска јужна опсерваторија

Клучни зборови:
Маглината NGC 6164/6165 што го опкружува системот HD 148937 онака како што се гледа во видлива светлина

Маглината NGC 6164/6165 што го опкружува системот HD 148937 онака како што се гледа во видлива светлина

Широкоаголен поглед на пределот на небото околу маглината NGC 6164/6165

Широкоаголен поглед на пределот на небото околу маглината NGC 6164/6165

Бурната историја на ѕвездениот пар HD 148937

Бурната историја на ѕвездениот пар HD 148937

Маглината NGC 6164/6165 што го опкружува системот HD 148937 онака како што се гледа во видлива светлина

Маглината NGC 6164/6165 што го опкружува системот HD 148937 онака како што се гледа во видлива светлина