На 10 април оваа година, во Парк шумата Гази Баба во Скопје одржана е единаесеттата средба на радиоаматерската „Z3 Портабл Група“, која што беше отворена за сите радиоаматери.
Членовите и гостите поставија три портабал кусобранови радиостаници, напојувани со независно батериско напојување, како и антени наменети за работа од издвоени локации. Освен презентирањето на различните концепти на портабли за моторизиран и немоторизиран пристап до локации, одржани се и радиоврски со мала излезна моќност на предавателите.
Лево: Испробување КБ портабал антена Десно: Ултра лесна телеграфска КБ радиостаница за портабл
Во оваа прилика за член во групата беше примен Пеко Милчиноски, Z31EF еден од ветераните на македонскиот радиоаматеризам, кој што е активен од издвоени локации во осмата деценија од животот.
Неформалната „Z3 Портабл Група“ има 23 члена и е основана во 2016 година со цел да промовира радиоаматерски операторски активности од издвоени локации на отворен или затворен простор со самостојно привремено поставени радиоуред, антенски систем и независно напојување.
Лево: Новопримениот член Пеко (Z31EF) Десно: Владо (Z36V) и Борис (Z32X)
Досега членовите на групата имаат реализирано преку 1400 портабл активирања од планински врвови, национални паркови и останати заштитени подрачја, историски тврдини, плажи, острови и други атрактивни локации во земјава и во странство.