Сончева треска ја зафати Северна Америка, поточно САД, од чијашто територија денес ќе може да се набљудува затемнување на Сонцето. За сите нас кои се наоѓаме на други места на Земјината топка, НАСА обезбеди пренос во живо, па од комфорот на нашиот дом ќе можеме и ние да го набљудуваме ова “американско” затемнување на Сонцето во сите детали. Дознајте како.
Најнапред неколку факти и интересни нешта во врска со ова затемнување. Сенката на Месечината ќе се спушти најнапред во водите на Пацификот крај брегот на Мексико, по што ќе продолжи забрзано да се движи по површината во правец кон Канада, исчезнувајќи над територијата на Њуфанундленд по изминати нешто помалку од еден и пол час. Зоната на тоталитарност, од каде присутните ќе можат да го видат целосното затемнување на Сонцето, е широка 185 километри. Во останатите делови на САД и Канада во ова време ќе може да се набљудува само делумно затемнување на Сонцето.
Затемнувањето ќе биде одлична можност и за проучување на Сончевата корона, надворешниот слој од атмосферата на нашата ѕвезда, кој вообичаено е скриен од заслепувачката светлина на површината. Истражувачите се особено возбудени во врска со оваа можност поради тоа што Сонцето е блиску до врвот на неговиот 11-годишен циклус.
Непосредно пред, за време и веднаш по затемнувањето, НАСА ќе лансира три сондажни ракети – ракети развиени за суборбитален лет кои со себе носат мерни инструменти за проучување на горната атмосфера или за спроведување на научни експерименти. Ракетите треба да ги истражат промените во јоносферата, предизвикани од ненадејната темнина. Јоносферата е горниот слој од атмосферата и е мошне важен за радиокомуникациите на долги растојанија.
НАСА најави дека преносот во живо од затемнувањето на Сонцето над Северна Америка ќе започне во 19 часот по македонско време. Можете да ни се придружите тука за заедно да го проследиме.
Поглед од површината на Земјата
Поглед низ телескопите на НАСА
Интересно е што неколку американски авиокомпании рекламираа летови кои треба да поминат низ зоната на целосно затемнување, додека компанијата Делта планира и две специјални линии што ќе ја следат патеката на тоталитетот. Очекуваме интересни фотографии од овие летови да се појават на социјалните мрежи.
Групацијата Периман, истражувачка фирма со седиште во Тексас, проценува дека директните и индиректните економски влијанија од овогодинешното затемнување би можеле да достигнат 6 милијарди долари.
Свој пренос има и Slooh