Рубрика: Психологија
Како природата влијае врз нашето чувство за време
Објавено на 05.04.2024 - 12:15

Луѓето кои се занимаваат со активности во природа имаат чувство дека времето минува побавно. И тие помалку импулсивно се справуваат со вознемиреноста и грижите.

Дали некогаш се чувствувате како да нема доволно часови во денот?” – со овие зборови започнува текстот објавен деновиве во Conversation, во кој станува збор за нашата перцепција за времето додека се наоѓаме во урбана и модерна средина наспроти онаа што се „активира“ во нашиот мозок кога ќе се најдеме во природата.

Студијата објавена во People and Nature, на психологот  Ричард Кореја од Универзитетот во Турку, Финска, укажува дека луѓето кои вршат активности во природа имаат чувство дека времето минува побавно и затоа се порелаксирани.

Кореја врши споредба на различни студии на тема време и нашата перцепција за него, кои биле спроведени со луѓе на кои им биле понудени исти активности во различни контексти. Интересно е што резултатите секогаш биле исти – се чини дека времето поминува побавно ако правите нешто во природа. На пример, прошетката со исто времетраење била перципирана како подолга (во однос на потрошеното време) ако била спроведена во шума, додекка се чинела како пократка ако била изведена во градот. Истото се случувало и во оние случаи каде од испитаниците било побарано да извршат некоја работа. Ако тие биле во природа, чувството било дека времето минува побавно.

Написот на психолозите Рут Огден и Џесика Томпсон потоа цитира и други истражувања чиишто резултати се во согласност со она што го документирал Кореја. Така, на пример, уште една многу постара студија објавена во Proceedings of Royal Society укажува дека поминувањето време во природа ја менува и нашата перцепција за останатите работи – одвлекува внимание од загриженоста за сегашноста и потребите за иднината, помагајќи ни да ги видиме работите во една поширока перспектива. Животот во природа нè прави и помалку импулсивни.

Накратко: ако некогаш имате чувство дека времето минува премногу брзо, обидете се да организирате попладневна прошетка во шума, крај река или езеро или, пак, на плажа. Ова може да ви овозможи да добиете една поинаква перспектива за работите.

Клучни зборови: