Рубрика: Астрономија и астронаутика
Вселенско ѓубре во куќа да ти падне
Објавено на 04.04.2024 - 13:45

На 8 март оваа година, сметката на Џонатан Мекдауел, aстроном кој коментира за лансирањата во вселената и навлегувањето на објекти во атмосферата,  на социјалната мрежа X, го најави навлегување во атмосферата на палетата со искористена опрема EP-9, испуштена од Меѓународната вселенска станица. Притоа тој даде информации за точката на влез и локациите каде би можеле евентуално да се очекуваат остатоци од палетата. Само неколку дена подоцна Алехандро Отеро од Неапол во Флорида, во одговор на ова известување објави фотографии од мистериозен објект кој паднал од небото во неговиот дом, шегувајќи се дека дел од товарот ја промашил целта.

Според зборовите на Алехандро Отеро објектот го пробил покривот од неговиот дом, како и плафоните од двата спрата, по што  замалку не завршил го неговиот син.

Штетата нанесена на домот на Алехандро Отеро во Флорида

Отеро, преку X, побарал помош за да стапи во контакт со НАСА со цел да му помогнат да разбере што точно паднало врз неговата куќа. Неколку дена подоцна американската вселенска агенција стапила во контакт со Отеро и го презела објектот со големина од неколку сантиметри. По кратка анализа се покажало дека објектот е навистина дел од истото “ѓубре” –  палетата со опрема EP-9,  исфрлена пред извесно време (2021 година) од МВС. Имено, објектот на Алехандро бил идентификуван како остаток од батерија каква што се користела на МВС, а била дел од товарот на палетата EP-9 исфрлена пред речиси 3 години.

Палетата EP-9 снимена непосредно откако била исфрлена од МВС во 2021 година

Според официјалните проекции во тоа време, материјалот од палетата требало да изгори при повторното влегување во атмосферата, воопшто не допирајќи до површината на Земјата. Но, ова не се случило. Најмалку едно парче го „преживеало“долгото патување, удирајќи во куќата на Отеро на Флорида. Совпаѓањето на времето кога објектот паднал врз куќата и она што Вселенските сили на САД го објавиле како време на влегување на материјалот, ги тргаат сите сомнежи дека се работи за дел од истиот товар.

Отеро секако ќе бара надомест за нанесената штета, но тука работата се усложнува, барем засега. Имено, батериите несомнено биле во сопственост на НАСА, но тие биле поставени на платформа надвор од ISS во сопственост на јапонската вселенска агенција JAXA која ги користела. Ова може да ја отежне идентификацијата на вистинскиот „виновник“ (дали НАСА или ЈАХА) којшто ќе треба да им исплати надомест за материјалната и морална штета на Отеро и неговиот син.

Ова не е првпат парче вселенски отпад да падне на површината на Земјата. Всушност, регистрирани се релативно многу слични случаи. Еден од поновите е кога во 2022 година дел од капсулата SpaceX Dragon падна на Зејата во полето на фарма одгледување овци во Австралија. И делови од првата американска вселенска станица Skylab, во есента 1979  завршија во Западна Австралија. Исто така и голем број ракетни делови паѓаат веднаш по полетувањето на руските и кинеските ракети и во Казахстан и во Кина.

Клучни зборови: