Во 1181 година на ноќното небо се појавила ретка експлозија на супернова, која останала видлива ви текот на наредните 185 дена. Историските записи укажуваат дека суперновата изгледала како привремена „ѕвезда“ во соѕвездието Касиопеја која била сјајна исто колку и Сатурн. Оттогаш па сѐ до денес, научниците се обидуваат да го пронајдат остатокот од оваа супернова.
Првично постоеше мислење дека остатокот е можеби маглината околу пулсарот 3C 58. Но, подеталните истражувања открија дека пулсарот е постар од суперновата 1181.
Во текот на последнава деценија беше откриен уште еден кандидат – објектот Pa 30 во соѕвездието Касиопеја. Се работи за маглина со речиси кружна форма и со централна ѕвезда. Сликата долу претставува комбинација од неколку слики направени со помош на неколку телескопи. Оваа композитна слика користи податоци ширум електромагнетниот спектар и овозможува нов спектакуларен поглед во остатокот од супернова, овозможувајќи ни да му се восхитуваме на истиот објект што пред повеќе од 800 години се појавил на ноќното небо на нашите предци.
Композитна слика од остатоците од суперновата 1181. Сферичната светла маглина се наоѓа во средината опкружена со поле од бели точки ѕвезди. Во маглината неколку зраци се истакнуваат како огномет од централна ѕвезда Слика: G. Ferrand and J. English (U. of Manitoba), NASA/Chandra/WISE, ESA/XMM, MDM/R.Fessen (Dartmouth College), Pan-STARRS
Набљудувањата во x-зрачното подрачје (сина боја), направени со помош на вселенската опсерваторија XMM-Newton на ESA, го покажуваат целосниот обем на маглината, а податоците добиени од x-зрачната вселенска опсерваторијата на НАСА (во свело сина/цијан нијанса), Чандра, точно го посочува нејзиниот централен извор. Маглината е едвај видлива при оптичка светлина, но нејзиниот сјај е видлив во инфрацрвениот дел од светлинскиот спектар, подрачје во коешто набљудува вселенската опсерваторија WISE на НАСА (податоците на сликата во црвена и розова боја). Интересно е тоа што радијалната структура на сликата се состои од загреан сулфур кој свети во подрачје на видливата светлина, а податоците (во зелена боја) се забележани со помош на 2,4 метарскиот телескоп Хилтнер од во опсерваторијата MDM во Аризона, САД, додека заднинските ѕвезди (во бела боја) се фотографирани од телескопот Pan-STARRS на Хаваите, САД,
Студиите за составот на различните делови од остатокот на суперновата укажуваат дека тој се формирал при термонуклеарна експлозија, и поточно при посебен вид на супернова експлозија наречена сублуминозен настан од типот Iax. Кај ваквите настани доаѓа до спојување на две ѕвезди од типот бело џуџе и вообично од овој вид на експлозија не се очекува никаков остаток.
Но, нецелосните експлозии можат да зад себе да остават еден вид „зомби“ ѕвезда, налик на масивното бело џуџе во овој систем. Оваа мошне врела ѕвезда, една од најжешките ѕвезди на Млечниот Пат (со температура од околу 200 000°C), има брз ѕвезден ветер со брзини и до 16000 km/h. Комбинацијата на ваква ѕвезда и маглината претставува уникатна можност за проучување на експлозиите од овој тип, коишто се мошне ретки.
Извор ЕСА
Композитна слика од остатоците од суперновата 1181. Сферичната светла маглина се наоѓа во средината опкружена со поле од бели точки ѕвезди. Во маглината неколку зраци се истакнуваат како огномет од централна ѕвезда Слика: G. Ferrand and J. English (U. of Manitoba), NASA/Chandra/WISE, ESA/XMM, MDM/R.Fessen (Dartmouth College), Pan-STARRS