Испарливите течности со канабис наменети за електронските цигари содржат абнормални нивоа на тешки метали кои се опасни по здравјето дури и во нивната почетна состојба, пред да се загреат и небулизираат. Ова е докажано со анализи на околу четириесет одобрени и неодобрени за користење течности со CBD (канабидиол – хемиска супстанција присутна во растението Cannabis sativa, која нема психотропни ефекти и се користи и во некои фармаколошки препарати). Резултатите од анализите беа презентирани на пролетната конференцијата на Американското хемиско здружение пролет оваа година во Њу Орлеанс.
Иако електронските цигари се поврзуваат со повеќе штетни ефекти, нивната употреба се смета за помалку опасна по здравјето на луѓето од онаа на традиционалните цигари, бидејќи не вклучува процес на согорување. Со елиминирање на согорувањето на органски материјал, се произведуваат помалку токсични материи. Но сепак, познато е дека високите температури што се достигнуваат во сегментот од е-цигарата кој помага за атомизирање на течностите што треба да испарат може да предизвикаат промена во самата течност. Имено, тешките метали содржани во овој сегмент, како никелот и хромот, можат да се пренесат во течноста.
Новата студија покажува дека течностите со CBD содржат абнормални концентрации на потенцијално штетни тешки метали дури и пред да дојдат во контакт со е-цигарите и да бидат небулизирани.
Научниците анализирале 41 течност со канабис за вапирање, набавени во Канада, од кои 20 биле купени по редовна процедура во специјализирани продавници, додека 21 од нив биле примероци од течности запленети од полицијата (бидејќи биле нелегални). Сите течности за е-цигари биле недопрени и биле произведени пред помалку од шест месеци.
Тимот открил во нив високи концентрации на 12 тешки метали, како што се кобалт, хром, никел, олово и ванадиум, во концентрации повисоки од она што се смета за безбедно според Меѓународниот совет за хармонизација (International Council for Harmonisation), јавна здравствена организација која има улога на посредник помеѓу барањата на регулаторните тела и фармацевтската индустрија. Количината на никел во производите за вапирање не треба да надминува 0,5 делови на милион, но некои CBD течности содржеле 677 делови на милион; многу од производите имале нивоа на олово сто пати повисоки од она што се смета за толерантно.
Изложеноста на тешки метали, во овој случај преку вдишување, е поврзана со многу здравствени ризици, како што се проблеми со коските, невролошки и невроразвојни нарушувања, бубрежни заболувања, неплодност, рак. Студијата ги повторува опасностите по здравјето поврзани со вапирањето, а особено со употребата на нерегулирани течности, за кои во студијата се покажало дека содржеле највисоки нивоа на штетни материи.