Во провинцијата Клокле, лоцирана 160 километри југозападно од Панама Сити, тим археолози од панамското Министерство за култура откопа уникатен тип на погребен објект, во кој била сместена и збирка од фино изработени златни предмети. Извонредното откритие е дел од гробница која датира од 750 година од нашата ера, која се наоѓа во археолошкиот парк Ел Кањо.
Врз основа на анализата на посмртните останки, научниците претпоставуваат дека човекот закопан на оваа локација имал околу триесет години и веројатно припаѓал на „клокле културата“, предколумбиска цивилизација која опстојувала во оваа област со векови, сѐ до доаѓањето на првите Европејци на почетокот од XVI век. При ископувањата, кои сѐ уште се во тек, археолозите пронашле бројни скапоцени предмети поставени околу телото. Од нив се издвојуваат пет златни пекторали, повеќе видови обетки со различни форми (некои украсени со заби од кит, други изработени од злато во облик на крокодил или со антропоморфни карактеристики), нараквици, два појаса украсени со златни бисери, чинии (исто така од злато), коскени флејти и здолништа изработени со кучешки заби.
Според популарните практики за погребување од тоа време, човекот бил погребан со лицето надолу. Но тој не бил сам во гробницата. Имено, придружувајќи го во задгробниот живот под него биле закопани и една жена и околу триесет други лица, кои според експертите можеби биле жртва на ритуално жртвување. Токму оваа карактеристика, го прави погребот многу специфичен, што сведочи за високиот ранг на погребаниот, смета Хулија Мајо, директорка на Фондацијата Ел Кањо, која е одговорна за ископувањата. Сосема извесно е дека гробницата веројатно припаѓа на мошне истакната личност од тоа време, а можно е да се работи и за “благородник” од кралска лоза.
Локалитетот Ел Кањо, откриен во 1925 година и проучуван од 1970-тите, претставувал огромна церемонијална област со дрвени згради и неколку монолити, вклучително и некропола (која се употребувала во периодот од 700 до 1000 година, а потоа била напуштена). Најновите ископувања во областа, предводени од тимот на Мајо, започнале во 2008 година и оттогаш до денес се откриени повеќе важни наоди. Најзначајните од нив во 2011 година, кога беше откриено тело на војсководец украсено со златни артефакти, кој бил погребан заедно со 25 други луѓе. Овие наоди сведочат дека пред повеќе од еден милениум, во овој реон имало софистицирано општество, организирано на строго хиерархиски начин и способно да користи рафинирани техники за обработка на злато.