Рубрика: Роботика
Четириножни роботи што трчаат паркур?
Објавено на 19.03.2024 - 13:15

Четириножните роботи, налик на механички кучиња, веќе и не се некоја новост. Тие веќе најдоа примена во различни сектори, извршувајќи секакви задачи – далечинско следење и обезбедување на спортски стадиони, водење на слепи лица, па и инспекција на потенцијално опасни места. Иако овие роботи се во основа поагилни од нивните двоножни “колеги”, нивните движење сѐ уште се далеку од реплицирање на грациозноста на едно вистинско куче. Но, се чини дека наскоро ова ќе се промени...

Истражувачите од Високата техничка школа во Цирих (ETH Zurich) се обидуваат да ги елиминираат разликите помеѓу роботите и животните, барем во делот на мобилноста. Па така, нивниот робот може да трча, скока и да ползи по патеките со поставени препреки. Според трудот објавен неодамна во Science Robotics, научниците се нафатиле да го научат четириножниот робот ANYmal, производ на фирмата ANYbotics, како да ги имитира движењата на „слободните тркачи“, луѓе кои се занимаваат со паркур.

Имено, паркурот се фокусира на тоа како на најбрз можен начин да стигне од една во друга точка и често вклучува брзо ползење и прескокнување на препреките на патот. Паркурот, кој се изведува на терени со пречки или во густи урбани области, бара комбинација од атлетизам и брзо донесување одлуки. ANYmal се покажа дека е на висина на задачата – роботот тежок 100 килограми ја поминал неговата основна патека за паркур, движејќи се со брзина од околу два метра во секунда.

ANYmal користи вградени ласерски сензори за да го “види” опкружувањето и да создаде мапи што може да ги користи за автономно планирање и изминување на утврдената патека. Кон целта го придвижуваат  четири нозе изработени од јаглеродни влакна и 12 идентични мотори. Истражувачите го подобриле движењето на роботот со користење на невронска мрежа составена од три посебни модули, секој од нив селективно посветен на движење, перцепција и навигација.

Во нивниот труд, истражувачите велат дека го развиле навигацискиот елемент на ANYmal за ја разбира способноста на роботот за одење, скокање и за клечење. Ова овозможило ANYmal автоматски да го приспособува своето однесување во зависност од видот на препреките. Крајниот резултат е робот што може брзо да ги идентификува пречките, навремено и соодветно да реагира на нив и, на крај, да ги совлада и помине.

Докторандот Никита Рудин, еден од истражувачите кои работат на подобрувањата на ANYmal, наводно и самиот е ентузијаст за паркур и го искористил тоа искуство за време на истражувањето.

Пред да започне проектот, неколку мои колеги истражувачи мислеа дека роботите со нозе веќе ги достигнаа границите на нивниот развоен потенцијал, но јас имав поинакво мислење“, вели Рудин за Science Daily. „Всушност, бев сигурен дека може да се направи многу повеќе со механиката на роботите со нозе“.

Истражувачите го обучувале моделот на примери со слободни тркачи кои изминуваат патеки за паркур. ANYmal ги стекнал новите вештини по пат на обид и грешка, во повеќекратни симулирани средини. На крајот, роботот бил соочен со патека од вистински препреки при што го искористил знаењето стекнато низ симулациите за да ја помине патеката.

Стекнатите вештини на ANYmal имаат реална примена. Истражувачите сметаат дека вакви и слични подобрувања би можеле да се применат кај роботите за пребарување и спасување, што ќе овозможи полесно совладување на пречките на терен, како и побрзо распоредување на роботите при мисиите за пребарување и спасување. Но, овие и некои понови стекнати вештини еден ден би можеле да се покажат клучни и за новите роботи што ќе ја истражуваат вселената, суровите и карпести предели на Месечината и на другите планети, сметаат истражувачите. А своја примена може да најдат и како колеги на “застарените модели” што патролираат крај Големиот хадронски судирач во Женева, Швајцарија.

Клучни зборови: