Интересот за најголемата криптовалута во светот ги достигна нивоата што за последен пат беа забележани во 2021 година. Како последица на тоа, во вторникот вредноста на биткоинот (BTC) се искачи над 57 000 американски долари. Цената на оваа “најважна” криптовалута порасна за цели 10% во текот на последнава недела и цели 35% од почетокот на оваа година, најмногу поради возбудата што ја предизвикаа низа фондови преку кои се тргува на берзата за биткоини, а кои за почнаа со тргување во јануари.
Со надминување на вредноста од 57 000 американски долари, биткоинот ја достигна неговата највисока точка по ноември 2021 година. Тековниот пораст се чини небаре тест за тоа дали цената на биткоинот може да го достигне историскиот максимум од 68 789 долари, којшто се случи шест месеци пред спектакуларниот пад во 2022 година.
„Конечно, она што го гледаме е како криптото се издига од пепелта на пазарот во 2022 година”, вели Рајан Расмусен, виш аналитичар за крипто истражувања за Bitwise Asset Management.
„Наша претпоставка е дека цената на биткоинот ќе достигне 125 000 долари до крајот на 2025 година”, додава Марк Палмер од Benchmark на Yahoo Finance Live.
Инвеститорите даваат повисоки понуди и за другите криптовалути како и за поврзаните акции. Од почетокот на оваа година до денес, втората по големина криптовалута, етер (ETH) го надмина биткоинот за повеќе од 10%, додека вкупната пазарна вредност на сите крипто средства се зголеми за приближно 30%, на 2,15 трилиони долари според Coinmarketcap.
Еден од знаците за зголемување на ентузијазмот околу биткоинот е активноста за тргување со ЕТФ биткоини што започна во јануари, давајќи им на секојдневните инвеститори широка изложеност на дигиталните средства. Според податоците собрани од лондонскиот фонд Farside Investors, заклучно со вторникот тие забележале повеќе од 6 милијарди долари нето-текови.
Досега, во овој квартал, обемот на тргување со биткоин ги надмина нивоата забележани во истиот период во сите поединечни квартали од 2023 година. Таа активност беше благодет за главните места за тргување со крипто, тука вклучувајќи ги Coinbase Global (COIN) и Robinhood (HOOD). Тие акции пораснаа за 27% и 31% од почетокот на јануари.
Биткоин рударот Marathon Digital (MARA) и биткоин сопственикот Microstrategy (MSTR) пораснаа за 32% и 27%, соодветно. MicroStrategy во понеделникот утрото објави дека купила дополнителни 3000 БТК, со што нејзината вкупна инвестиција достигна 193 000 БТК, што беше проценето на приближно 11 милијарди американски долари во вторникот.