Победата во игрите на среќа со употреба на научен метод е дел од “влажните”соништа на сите оние кои учествуваат во наградните натпревари и лотарии. Но, дали навистина е може да се пресмета точниот број на лозови или ливчиња што треба да се купат за да имате среќна добивка? Двајца британски математичари од Универзитетот во Манчестер велат дека е можно, тврдејќи дека лотариска добивка на британската верзија на Лото може да се оствари со купување на само 27 ливчиња. За жал, нивниот метод не дава гаранција дека вредноста на добивката би ги покрила и направените трошоци.
За да ја формулираат својата теорема, истражувачите Дејвид Стјуарт и Дејвид Кушинг, како референтен модел ја зеле националната лотарија на Обединетото Кралство, којашто има игра слична на нашето Лото, чиишто максимални добивки честопати достигнуваат баснословни суми – најновата џекпот добивка во ОК надминува 20 милиони фунти, односно 23 милиони евра. Слично како и кај нас има две извлекувања неделно, при што по случаен избор се избираат шест броеви но овојпат од 1 до 59. Во ваков сетинг, постојат повеќе од 45 милиони можни комбинации за остварување на “шеска”. Но, добивка може да остварите и ако погодите две бројки (што ви дава право до бесплатен билет ), три, четири или пет. Секако во овие случаи добивката е многу поскромна.
Решението предложено од двајцата математичари се состои од систем на „конечна геометрија“, којшто се заснова на фигура во форма на триаголник наречена „рамнината на Фано“ (според италијанскиот математичар Џино Фано, кој живеел помеѓу 19 и 20 век и кој прв ја креирал). Системот ви овозможува визуелно да репродуцирате низи од два или три броја на едноставен и интуитивен начин. Секоја група на броеви потоа се поврзува со линии, генерирајќи серија од шест броеви, што е еквивалентно на едно ливче (англиското лото дозволува една комбинација по ливче). Оттаму, според студијата, за покривање на сите 59 постоечки броеви, што гарантира совпаѓање на барем еден добитен пар, би било доволно да пополните само 27 ливчиња.
Иако пресметките на Стјуарт и Кушинг се теоретски точни, остварувањето на вистинска добивка со нивна примена не е нималку едноставно. Всушност, во некои случаи со добивката ќе можете да купите најмногу една мастика. Со тестирање на нивниот метод во пракса и купување на 27 билети во ждрепката на 1 јули 2023 година, истражувачите вкупно имале само три наградни ливчиња, кои биле повторно употребени за следното извлекување. На крај не заработиле ниту еден дена, пардон фунта, по што изјавиле дека повеќе не се заинтересирани да ги користат комбинациите за профит.
Па секој коцкар можеше да ги предупреди на општопознатото правило: Kуќата секогаш победува ;)