Рубрика: Омнибус
Град во државата Кентаки испрати покана до вонземјаните како промоција на туризмот
Објавено на 31.01.2024 - 14:30

Бирото за конвенции и посетители (Convention and Visitors Bureau – CVB) на градот Лексингтон во Кентаки, САД, доби навистина оригинална идеја за промовирање на туризмот –  тие испратија покана до евентуалните вонземски посетители, користејќи инфрацрвен ласерски зрак. Пораката била насочена кон егзопланети во сончевиот систем Трапист-1, сместен на 40 светлосни години од нас. Планетите, сместени во т.н. животна зона веќе се посочени од астрономите и од астробиолозите како места каде е можно да се развил живот.  Пораката треба, всушност, да привлече одредено внимание кон градот Лексингтон и неговото живописно опкружување – зелените полиња, брановидните ритчиња, фармите со коњи, дестилериите на бурбон...

Според креаторите, иницијативата била поттикната  од неодамнешните откритија за НЛО и постигнатиот напредок во сферата на снимањето на длабоката вселена, кои ја зацврстиле нивната верба дека не сме сами во универзумот. CVB соработувале со повеќе научници и истражувачи за внимателно да ја состават и обработат нивната порака која вклучува битмапирани слики на кои се претставени елементи од животот и познати споменици во Лексингтон, како и молекуларните структури на водата, бурбонот и допаминот (важен невротрансмитер поврзан со задоволството).

Ги покануваме вонземските патници да го доживеат уникатниот шарм и атракции на Лексингтон“, изјавил Роберт Лодер, роден во Лексингтон, ИТ инженер и експерт за астробиологија и СЕТИ (потрага по вонземска интелигенција). „Ние веруваме дека Лексингтон има што да им понуди на сите, од вљубениците во природата и ентузијастите за култура, до оние кои се во потрага по вкусот на убавите работи во животот“.

За волја на вистината, пораката ќе патува до целта најмалку 40 години, а потенцијалниот одговор би бил примен по најмалку ист број години од тогаш. Па сепак, во CVB се оптимисти во поглед на „комуникацискиот потенцијал и соработката помеѓу различните видови“.

Иако поканата испртена до вонземјаните доби најголем публицитет, ние Земјаните сме подеднакво поканети да го посетиме градот Лексингтон, кој се опишува како место богато со историја, култура и природна убавина. Од ритмовите на Bluegrass музиката до спокојните пејзажи прошарани со коњски фарми, се чини дека Лексингтон има што да понуди за секој посетител, па макар тој дошол и од вселената ;)

Клучни зборови: