Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сериозни проблеми за сондата Перегрин
Објавено на 09.01.2024 - 12:30

По вчерашното историско лансирање со ракетата Вулкан, сондата Перегрин страда од сериозна аномалија што го става под знак прашалник самото пристигнувањето на нејзината конечна дестинација – Месечината. Следните неколку часа се одлучувачки.

Се чинеше дека сѐ се одвива совршено. Лансирањето со новата ракета ULA Vulcan, што се случи вчера – 8 јануари 2024 година од Кејп Канаверал, ја постави сондата Перегрин (Peregrine) од приватната американска компанија Astrobotic, точно во орбитата околу Земјата од каде што таа потоа треба да се упати кон орбитата на Месечината. За жал, како што јави Astrobotic, само неколку часа по лансирањето ситуацијата драматично се промени. Сондата покажала сериозна аномалија поради која го губи погонското гориво. Во најновите соопштенија за печат објавени од Astrobotic читаме дека „за жал се чини дека дефект во погонскиот систем ja предизвикува сериозната загуба“.

Работната група на историската мисија (се работи за прва роботизирана сонда лансирана од американско тло кон Месечината по повеќе од 50 години) во последнива 24 часа се обидува да ја стабилизира оваа загуба, но со оглед на ситуацијата, според соопшетенијата компанијата даде приоритет на максимално искористување на вградените научни инструменти и собирање на колку што е можно повеќе податоци во тек на патот на сондата до Месечината. Според последното соопштение, батериите на сондата се полни (што е добра вест) и се прави сѐ за да се извлече максимумот од моменталната ситуација.

Сондата во следните 36 часа го продолжи својот лет кон Месечината, но мошне извесно таа нема да може да ја задржи правилната позиција во однос на Сонцето која овозможува соларните панели да обезбедат електрична енергија за работа на инструментите. Имено, поради губитокот на гориво во моментов не можат да се вклучат помошните мотори што треба да го овозможат тоа, па ако ситуацијата остане непроменета  судбината на леталото ќе биде запечатена. Во меѓувреме, лендерот ја испрати првата слика до Земјата, на која во преден план може да се види повеќеслојната обвивка што ја штити сондата од радијација.

Прва слика од Перегрин во вселената. Фотографијата е направена од камерата поставена на платформата за товар и во преден план ја прикажува повеќеслојната изолација (MLI). фото: Астроботик

Според првичната програма, беше планирано Перегрин да слета на површината на Месечината на 23 февруари. НАСА има договор со Astrobotic за пренос на пет научни експерименти, дизајнирани и надгледувани од агенцијата. Некои од нив требаше да ја проучуваат површината на Месечината, атмосферата и околината околу лендерот, додека експериментот Laser Retroreflector Array беше наменет за инсталирање на систем од огледала за рефлектирање на ласерските зраци испратени од Земјата со цел да се измери со екстремна прецизност растојанието помеѓу Земјата и Месечината. На сондата има и пет мали автономни роботи од Мексико и мал лунарен ровер изработен од студентите на Универзитетот Карнеги Мелоун.

Лендерот Перегрин, наполнет со гориво и сместен во ракетата Вулкан на ULA фото: Астроботик

Освен научните помагала од НАСА на лендерот има и комерцијален товар. На сондата се наоѓа и примерок од карпа од Монт Еверест, додека компаниите за вселенски споменици Celestis и Elysium Space испратиле ДНК и пепел/посмртни останки од 69 луѓе, меѓу кои и од Џин Роденбери, креаторот на Ѕвездени патеки, и од писателот на научна фантастика Артур Кларк. Покрај ова меѓу комерцијалниот товар има и еден лунарен Биткоин, архива со минијатуризирани книги и текстови од фондацијата Arch Mission и т.н. MoonBox од компанијата DHL во која се спакувани спомени и пораки од 100 000 луѓе ширум светот.

Засега шансите за успех на мисијата и достава на целиот овој товар до Месечината е неизвесен, освен ако Astrobotic во следните часови не успее да ја исправи аномалијата со која Перегрин се соочува во моментов.

Клучни зборови:
Лендерот Перегрин, наполнет со гориво и сместен во ракетата Вулкан

Лендерот Перегрин, наполнет со гориво и сместен во ракетата Вулкан на ULA фото: Астроботик

Прва слика од Перегрин во вселената.

Прва слика од Перегрин во вселената. Фотографијата е направена од камерата поставена на платформата за товар и во преден план ја прикажува повеќеслојната изолација (MLI). фото: Астроботик

Сондата лендер Перегрин

Сондата-лендер Перегрин фото: Астроботик