Како и секоја година во декември, научното списание Science ја објави нивната листа на топ 10 најголеми научни достигнувања и пробиви во изминатата година. Оваа година на врвот од листата се најдоа блокбастер лековите за слабеење кои ветуваат поширок опсег на здравствени придобивки. Да видиме како...
Справувањето со дебелината е колку приватна борба и толку и јавна здравствена криза, пишува Science. Во САД, околу 70% од возрасните имаат вишок килограми, а во Европа тој број е повеќе од половина. Дефинирана како индекс на телесна маса од најмалку 30, се смета дека дебелината го поттикнува дијабетесот тип 2, срцевите заболувања, артритисот, замастување на црниот дроб и одредени видови на рак.
Третмани за дебелина имаат жално минато, често испреплетено со социјалниот притисок за слабеење и раширеното верување дека вишокот килограми е одраз на слаба волја. Од „магичните апчиња за слабеење“ преполни со амфетамини и диуретици што кои биле дел од понудата почнувајќи од 1940-тите, до подемот и падот на фен-фен (fen-phen) во 1990-тите, лек што предизвика катастрофални состојби на срцето и белите дробови, патот до пронаоѓање на безбеден и успешен лек за намалување на тежината е полн со промашувања.
Новата класа терапии влева голема надеж дека со нив може да се намалат процентот на луѓе што патат од гојазност и од хроничните болести што произлегуваат од неа. Лековите, првично развиени за третирање на дијабетес, го имитираат цревниот хормон наречен пептид-1 сличен на глукагон (GLP-1). Овие агонисти* на рецепторот GLP-1 предизвикуваат значително губење на тежината, и несакани ефекти кои претежно лесно се надминуваат. Оваа година, клиничките испитувања открија дека тие, исто така, ги намалуваат и симптомите на срцева слабост и ризикот од срцев удар и мозочен удар, што е најубедлив доказ досега дека лековите, освен самото губење на тежината, носат и други големи придобивки. И токму поради овие причини, Science ги прогласува лековите GLP-1 за пробив на годината.
Рака на срце, треба да се истакне дека овие терапии носат одредени несигурности, дури и состојби вознемиреност што ги носи наглата промена. Science признаваат дека гојазноста доаѓа во пакет со низа медицински и социјални сложености и дека многумина за кои другите сметаат дека имаат прекумерна тежина се здрави и имаат мала желба или итна потреба да ја намалат тежината.
* Агонист е хемиско соединение кое се врзува за клеточниот рецептор и ја стимулира неговата функција. Агонистите често ги имитираат дејствата на природните супстанции. Додека агонистот предизвикува дејство, антагонистот го блокира дејството на агонистот.