Во рамки на одбележувањето на 25 години од своето постоење, Скопското Астрономско Друштво организира нова изложба на астрофотографии направени од нивните членови.
“Веќе четврт век, нашиот поглед е свртен кон небото. Го набљудуваме, истражуваме, учиме за него, едуцираме други луѓе и го фотографираме. Нашата најголема фасцинација ќе ја најдете преточена во фотографии од планетарни маглини каде се раѓаат ѕвезди, гигантски галаксии оддалечени милиони светлински години од нас, комети, метеорски дождови, Сонцето, Месечината и нашиот поширок дом – галаксијата Млечен Пат”, – велат од Скопското Астрономско Друштво.
И како и многупати досега, овие вљубеници во астрономијата својата пасија сакаат да ја споделат со сите нас. Со оглед на тоа што ова не е прва изложба на астрофотографии на Скопското Астрономско Друштво, веќе знаеме дека пред нас е извонреден настан кој секако треба да го вметнете во вашиот календар за следење на интересни случувања поврзани со науката и техниката кај нас. Фотографиите очекуваме, како и досега, да ни понудат една нова перспектива и поглед на нашиот дом – Земјата и нашето блиско планетарно и галактичко соседство.
Изложбата ќе биде отворена на 25 декември, понеделник во 19 часот во просториите на Кинотеката (Никола Русински бр. 1, зад ТЦ Лептокарија), а сите заинтересирани ќе може да ја посетат до 4 јануари 2024 година.
Влезот е слободен, благодарение на поддршката од Кинотека на Македонија. Од Скопското Астрономско Друштво најавуваат и можност за купување на некоја ид изложените фотографии, испечатена во големина која вам ви одговара.