Како главен аргумент на властите против самостојна изградба на ПАХЕ „Чебрен“ се посочува студијата на германската консултантска куќа Фихтнер (Fichtner) од 2016 година, според која електраната е на самата граница на исплатливост или дури е неисплатлива. Според властите, ако електраната е неисплатлива, на Грците требало да им се даде ХЕ „Тиквеш“, за да им станел проектот исплатлив. Од друга страна, нивната добивка е наша загуба.
Причината за неисплатливоста е најдена во малиот годишен проток на Црна Река, но потценета е профитабилноста од складирањето на енергијата, ако воопшто е земена предвид. Складирањето, пак, не зависи од протокот на реката. Освен тоа, цената на електричната енергија во меѓувреме пораснала од 40 евра/MWh на преку 100 евра/MWh. Подолу ќе видиме дека во меѓувреме работите многу се промениле и дека не смееме да се потпираме на застарени цени, количества и заклучоци.
Вложувањето на ХЕ „Тиквеш“ нам ќе ни носи чиста загуба од најмалку 15 милиони евра годишно по два основи:
1.) ЕСМ ќе се лиши од приходи и
2.) граѓаните ќе плаќаат за скапа увозна, наместо евтина домашна електрична енергија.
Затоа, кога ќе ја одземеме загубата (поради нереализирана добивка од ХЕ „Тиквеш“) од добивката на ПАХЕ „Чебрен“ во партнерството, нето сегашната вредност на целиот проект „Чебрен“ за нас ќе биде eдвај 251 милион денешни евра за сите 67 години.
Кај Грците пак, кон добивката од Чебрен се додава добивката од преку 900 милиони денешни евра од ХЕ „Тиквеш“, при што до 20-тата година ќе ја повратат инвестицијата, а потоа ќе профитираат уште цели 47 години. Ние пак ќе бидеме во загуба цели 40 години, а едвај последните 27 години ќе заработиме скромни 251 милиони евра. Ако го доживееме тој ден.
Од друга страна, ако самите инвестираме, нето сегашната вредност за нас и тоа само од ПАХЕ „Чебрен“ би изнесувала од 1650 до 2528 милиони денешни евра, зависно по која цена ќе ја продаваме енергијата (регулираната или берзанската). Од ХЕ „Тиквеш“ би заработиле уште нови 900 милиони денешни евра, ако ја продаваме енергијата на берза, но тоа е сосема друга тема. Овие пресметки сме ги виделе претходно (види Колку многу губиме со давањето на Чебрен под концесија), а тука ќе подвлечеме уште еднаш дека причината за слабата профитабилност – а ние ќе станеме минимално профитабилни дури во 41-та година од проектот – е исклучиво последица од заложувањето на ХЕ „Тиквеш“, поради што постојано апелираме тоа да не се прави по никаква цена.
Да ја видиме сега другата страна на приказната, односно како е можно според најновите пресметки денеска ПАХЕ „Чебрен“ да биде толку профитабилен, а за „Фихтнер“ во 2016 година да не бил?
Успехот и профитабилноста денеска лежи во СКЛАДИРАЊЕТО на електричната енергија и генерирањето енергија за складирање со ФОТОВОЛТАИЦИ. Да не зборуваме повторно за непроценливата важност на „Чебрен“ за врамнотежување на идниот електроенергетски систем базиран на фотоволтаици и ветерни електрани. Тоа едноставно нема цена.
Што се променило толку многу од 2016 година до денес?
Сите мои пресметки за профитабилноста поаѓаат од цената на складирањето на електричната енергија од 50 евра/MWh, а ќе видиме дека пресметките се сосема реални и тоа во две варијанти:
1.) акумулирање енергија од фотоволтаици и
2.) акумулирање на купена евтина електрична енергија на берза. Впрочем, зошто приватниците би граделе литиум-јонски батерсики банки, ако кај нив самиот трошок на складирање, без никаква добивка изнесува најмалку 50 евра/MWh?
Да не навлегуваме во изведување на производната цена на електричната енергија од инвестициските трошоци во фотоволтаици, времето за отплата и цената на капиталот (каматните стапки и дивидендниот принос), туку ќе ги искористиме податоците од една друга позната консултантска куќа за обновливи извори на енергија, Лазар (Lazard), достапни тука
На првата слика гледаме колку се намалила цената на енергијата од фотоволтаици во изминатите години. LCOE (Levelized Cost of Electricity) од 30-40 американски долари/MWh, односно 27-36 евра/MWh всушност е цената изведена од инвестицијата и времето на отплата, спомената претходно. Тој што ќе ја има ПАХЕ „Чебрен“, а воедно има и фотонапонска електрана (зошто тоа да не биде нашиот ЕСМ), електричната енергија за акумулирање во „Чебрен“ ќе ја добива многу евтино. Ова не можело да било земено предвид од „Фихтнер“ од проста причина што во 2014/2016 година, кога тие ја изработувале студијата, фотонапонските електрани сé уште не биле актуелни.
Од друга страна, сопственикот на ПАХЕ „Чебрен“ може да ја продава складираната енергија кога ќе посака, а тоа може да биде било во претпладневните часови (во зима) или во вечерните часови (преку целата година). На втората слика овие периоди се означени со сино засенчени овали. На овој дијаграм се прикажани цените на електричната енергија од час во час во текот на изминатата недела, при тргување „ден однапред“ (day ahead). Во просек, врвната цена (peak price) изнесувала 150 евра/MWh, што на сопственикот на ПАХЕ „Чебрен“ би му донело:
150-1,25*40 =150-50 = 100 евра/MWh чиста и безризична добивка.
Ова е дури двојно повеќе од мојата претпоставена цена за складирањето од 50 евра/MWh, што значи дека профитабилноста би била многу поголема од претходно изведената (2,5 милијарди денешни евра за 67 години, не сметајќи ја ХЕ „Тиквеш“). За нашите граѓани може да има и попуст, па наместо по 150, електричната енергија би можела да се продава по цена од 90 до 100 евра/MWh, а ПАХЕ „Чебрен“ сепак да биде прилично профитабилна. Зошто ова сето да им го препуштиме на Грците?
Факторот 1,25 во погорната пресметка ги зема предвид загубите при двојната конверзија на енергијата (електрична -> потенцијална гравитациона -> електрична).
Да го видиме и второто сценарио, односно случајот ако ПАХЕ „Чебрен“, односно ЕСМ купува евтина електрична енергија на берза. Енергијата е најевтина во ноќните часови (розовиот круг на втората слика), кога цената изнесувала околу 100 евра/MWh. Во лето има уште поевтина енергија во текот на денот од многубројните фотонапонски електрани, чија енергија нема кој да ја потроши. Таа енергија е чист подарок за реверзибилните електрани како ПАХЕ „Чебрен“. Купувајќи 1,25 MWh по 100 евра/MWh во ноќните часови и продавајќи по 150 евра/MWh во вечерните часови се остварува чист безризичен профит од 150-1,25*80 = 50 евра/MWh. Ова се нарекува ценовна арбитража на електричната енергија и во основа е безризична. За „Чебрен“ ова е сосема доволно, додека за литиум-јонските батерии не е, поради високата цена на складирање.
Зошто велиме дека профитот од ценовна арбитража е безризичен? Затоа што преку платформата за електронско тргување денеска поставуваме порачка (order) за купување евтина енергија во определен час утре рано наутро, а истовремено поставуваме порачка за продавање за утре навечер. Штом се изврши клиринг (анг. clearing – определување на конечната цена од примените порачки на аукцијата), утре рано наутро пумпаме, утре навечер продаваме, а после порамнувањето/„раскусурувањето“ (settlement), парите (разликата од продажбата минус купувањето) легнуваат на сметката. На некои берзи е потребно претходно да се заложи извесен колатерал. Доколку самите произведуваме енергија од фотоволтаици, самите ќе пумпаме со наша струја и ќе складираме утре преку денот, а утре навечер ќе продаваме по максимална, врвна цена (peak price), постигната на берза денеска. Никој нема да нé попречува да чекаме поповолна цена за продавање – водата секако стои во акумулацијата.
Зошто разликата во цените (peak / off-peak) на берза изнесува околу 50 евра/MWh? Затоа што цената на складирање со литиум јонски батерии изнесува приближно толку и на тие што складираат не им се исплати да одат под LCOS (анг. Levelized Cost of Storage – види повторно кај Лазар/Lazard). Но, ПАХЕ „Чебрен“ нема таков висок минимум, односно дури и со 25 евра/MWh таа е профитабилна. Да не заборавиме дека таа ја враќа инвестицијата (иако прилично бавно) и без складирањето, коешто е еден вид скап нуспроизвод.
Ако ги споредиме овие две варијанти на акумулирање, заклучуваме дека сопственото производство со фотоволтаици е попрофитабилно, споредено со купување евтина енергија од берза, иако и тоа се исплати. Да биде заслепеноста на нашите власти уште поголема, дури се обврзале да им испорачуваат на Грците 300 GWh/год. евтина енергија за пумпање по цена од само 55-60 евра/MWh, односно само за 3% поскапо од производствената, а веројатно и субвенционирана цена на ЕСМ. Чист подарок за нив, а за нас никаква корист, т.е. да мораме да купуваме скап увозен јаглен. Значи, тие нема да купуваат на берза ноќе по 100 евра/MWh, туку со 55-60 евра/MWh речиси ќе го триплираат профитот: 150-1,25*55 = 81 евра/MWh.
Но, освен енергијата продадена еден ден однапред по врвна цена, ПАХЕ „Чебрен“ ќе може да обезбедува и таканаречена балансирачка енергија, како енергија во последен час за фино врамнотежување на производството и побарувачката, којашто е уште поскапа, а на нашиот систем ќе му овозможи балансирана работа, без краткотрајни вишоци и кусоци на енергија.
Со ова се докажува дека цената на складирање од 50 денешни евра/MWh е реална и дека проектот е економски физибилен. Можат да повикаат професори по финансиски менаџмент од економските факултети, да седнеме заедно уште еднаш да ги прегледаме сите пресметки, но резултатот би бил приближно ист.
Тука постои уште еден аспект, за којшто не знаеме дали бил земен предвид од германската консултантска куќа Фихтнер, а тоа е дали ги индексирале цените на елетричната енергија во иднина со проектирана стапка на инфлација. Тоа мора да се направи, бидејќи сите цени растат со текот на времето. На долг рок од 67 години, тоа прави огромна разлика. Без индексирање на цените, проектот секако би бил губитен.
Останатите пресметки за профитабилноста остануваат на сила. Да се потсетиме на основните податоци:
• годишно производство од протокот на Црна Река: 240 GWh
• моќност при пумпање/генерирање: 347/333 MW
• дневно време на пумпање/генерирање при складирање: 6/5 h
• просечна продажна цена на електричната енергија: 150 евра/MWh (peak price)
• просечна цена на складирањето: 50 евра/MWh, како што видовме погоре.
Бидејќи браната претставува најскапа ставка при изградбата, најдобро би било да се додаде уште еден агрегат за вкупна инсталирана моќност од 458 MW, како што е според оригиналната студија на ЕСМ. Доколку е можно, уште подобро е да се прошири до 600 MW.
Ова дополнително објаснување за исплатливоста од складирањето нека им послужи на нашите власти како отворање на очите, за да не направат огромна грешка со партнерството за ПАХЕ „Чебрен“, а особено со вложувањето на ХЕ „Тиквеш“, што мора по секаква цена да се спречи, како многу штетно.
Доколку сметаат дека проектот е неисплатлив (иако не е), едноставно нека се откажат од него, без да им овозможуваат профитирање на Грците без никаква корист за нас. Доколку пак сметаат дека е профитабилен, повторно нека се откажат од партнерство и нека пристапат кон сопствено инвестирање во проектот. Ако овие аргументи не помагаат, тогаш ќе стане очигледно дека се работи за лоша намера.
Не остана многу време до потпишувањето, кажано е речиси сé што треба. Како најмлад во нашето Здружение на инженери, во името на сé уште неродените генерации би сакал уште еднаш најдобронамерно да го замолам премиерот да размисли уште еднаш добро и да не го потпишува штетниот договор за партнерство со Грците, без разлика дали потоа самите ќе инвестираме во проектот или не.