Рубрика: Енергетика
Младите мора да се поттикнат кон вклучување во енергетската транзиција со инвестиции во обновливи извори на енергија
Објавено на 11.12.2023 - 11:00

На 6 декември во Битола беа одржани два настана на тема “Модерни системи за одржливо загревање на домаќинствата во Битола”, на коишто беше презентирана студијата “Анализа на алтернативи на централното греење базирано на јаглен во Битолскиот Регион”. Трудот ја испитува моменталната состојба со греењето во Битолскиот Регион (покривајќи ги општините Битола, Могила и Новаци), и нуди алтернативни решенија со користење на децентрализирани системи за греење, е изработена од Вања Џинлев, асистент и истражувач за енергетика при Федералниот институт за технологија во Цирих.

Првиот настан се одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, каде што беа присутни дел од студентите при факултетот, а вториот во IT Crowd со млади професионалци од ИТ индустријата. Наодите од анализата, презентирани на настаните, укажуваат дека најизводлива опција за греење би биле фотонапонските системи во комбинација со инвертер клима уреди за двата типа домови – станови и индивидуални куќи. Анализираните можности за греење претставени во студијата се и економски и еколошки одржливи алтернативи за индивидуално загревање. Студијата нуди и конкретни препораки како за индивидуалните домаќинства така  и за здружување на граѓаните и општинските институции во т.н. енергетски заедници.

Понатаму, беа презентирани и различни технологии и решенија за воспоставување на централно греење засновано на обновливи извори на енергија од страна на Наташа Ковачевиќ, координатор за централно греење на Западен Балкан при CEE Bankwacth Network. Дискусијата воглавно беше фокусирана на можностите за одржливо загревање на домаќинставта во Битола, како и улогата на младите во процесот на праведна транзиција на регионот зависен од јаглен.

Граѓаните можат да играат клучна улога во енергетската трансформација на било која земја, а со инвестирање во сопствената енергетска и финансиска сигурност, да станат активни учесници во енергетскиот систем. Во оваа насока младите вклучени во техничките и во информатичките науки се клучни за создавање и за спроведување на модерните енергетски решенија.

Главен заклучок во однос на бариерите со кои граѓаните се соочуваат и за потребите што тие ги имаат за активно учество и за забрзување на декарбонизацијата на земјата беше потребата од воспоставување на едношалтерски центри на локално, регионално или национално ниво – место каде граѓаните ќе можат да се информираат за обновливите технологии што им се на располагање, но и за мерките за енергетска ефикасност и за финансиските стимулации понудени во форма на заеми, грантови итн. Нагласена беше и потребата од поедноставување на административните процедури, овозможување на лесно здружување на граѓаните во т.н. енергетски заедници, како и подобрување на електродистрибутивната мрежа за да се овозможи што повеќе граѓани да станат производители-потрошувачи.

Ова се неопходни чекори што Македонија мора да ги преземе за да им овозможи на граѓаните да станат активен дел од енергетскиот систем на земјата и за да се олесни пристапот до чисти извори на енергија, за децентрализација на производството на енергија и греење и движење кон постигнување на целите за декарбонизација на земјата.

Настаните беа овозможени од меѓународната мрежа на организации CEE Bankwatch Network во соработка со младинската организација СФЕРА Интернешнал од Битола.

Преземено од bitolanews.mk

Клучни зборови: