На 10 јули 1943 година, некој месец по пресвртниците на источниот и африканскиот фронт и речиси една година пред искрцувањето на Нормандија, сојузничките вооружени сили ја започнале операцијата Хаски – искрцување на брегот на Сицилија. При оваа воена операција младиот американски пилот Гилберт Халдин Мајерс, заедно со екипаж од пет лица, го напуштил Тунис со својот бомбардер Б-25 со цел напад на аеродромот Шјака на Сицилија. Тој никогаш не се вратил во базата. По погодување на целта, авионот бил соборен од италијанската противвоздушна одбрана и паднал некаде на островот, а пилотот бил пријавен за исчезнат. Цели осумдесет години не се знаело ништо за него. Сѐ до неодамна, кога неговите посмртни останки биле идентификувани од страна на еден експертски тим.
Во 1947 година, четири години по трагедијата, во реонот на несреќата, на југозападниот дел од островот, веќе биле спроведени пребарувања на теренот. Но, безуспешно. Пресвртницата се случи дури оваа, 2023 година, по новата истрага спроведена од страна на британскиот Универзитет Кранфилд и нивниот тим за пронаоѓање и идентификација на жртви на конфликти – CRICC (Cranfield Recovery and Identification of Conflict Casualties team), во соработка со американската владина агенција специјализирана за пронаоѓање на затвореници и војници исчезнати во војна – DPAA (US Defense Prisoner of War/Missing in Action Accounting Agency). Експертскиот тим задолжен за пронаоѓањето бил составен од дваесет луѓе, секој одговорен за пребарување на околината во зоната на падот на воздухопловот во реонот на Шјака.
Потфатот не бил едноставен. Истражувачите педантно истражиле тони почва, надевајќи се дека ќе откријат ситни артефакти или лични предмети што би биле корисни за идентификување на членовите на екипажот. Напорите се исплателе. Во октомври оваа година, тимот лоцирал фрагменти од остатоците од авионот и човечки останки, кои беа испратени во американска лабораторија управувана од DPAA. Благодарение на ДНК анализата, во август 2023 година, било откриено дека човечките останки му припаѓаат на Гилберт Халдин Мајерс.
Младиот војник по потекло од Питсбург, Пенсилванија, бил припадник на 381-та бомбардерска ескадрила, дел од 310-тата група на воздухопловните сили на САД (USAAF). Тој ги извршувал должностите на копилот и во моментот на смртта имал 27 години. Ова не е единственото исчезнато лице кое било неодамна пронајдено на италијанска територија. Благодарение на генетските анализи, во април 2023 година, DPAA објави идентификација на уште еден друг американски војник, Винг О. Хом, кој исчезнал во февруари 1944 година во близина на Чистерна ди Латина, неколку километри јужно од Рим. Заедно со Мајерс и Хом, бројот на припадници на американската војска кои исчезнале во воените операции за време на Втората светска војна и за кои сè уште не се знае ништо изнесува околу 72 000. Се проценува дека за околу 39 000 од нив има доволно податоци кои би помогнале да се пронајдат и идентификуваат во денешни услови.