Амазон најави дека планира да користи беспилотни летала за достава на пакети до клиентите во Обединетото Кралство и Италија, почнувајќи од следната, 2024 година. Услугите ќе започнат на засега непознати локации пред крајот на годината. На избраните клиенти со дрон може да им бидат доставени предмети со тежина до 2 килограми, до нивните градини.
Во моментов, Амазон нуди испораки со беспилотни летала во две држави во САД, за стоки со тежина до 2,2 килограми. За европската експанзија, Амазон тесно соработува со европските и националните власти со цел да се усогласи со локалните прописи. Компанијата наскоро ќе ги открие и првите пробни области каде испораката со дрон ќе биде достапна за клиентите.
При процесот на нарачка, клиентите ќе можат да се одлучат за испорака со дрон доколку е тоа достапно во нивната област. По завршувањето на нарачката, дронот ќе лета до градината на клиентот, каде ќе го достави пакетот, а потоа ќе се врати.
Дејвид Карбон, потпретседател на Amazon Prime Air, за овој потег изјави: „Има голема побарувачка за оваа технологија. Клиентите можат да изберат од илјадници артикли со тежина од 2,2 килограми или помалку, почнувајќи од сапун за садови и четки за заби до производи за убавина и батерии, сѐ дури нарачаните производи се вклопуваат во пакување со големина на кутија за чевли“.
Клиентите кои се заинтересирани за испорака со дрон мора прво да бидат одобрени. Дронот бара доволно отворен простор за да испорача пакет од висина од околу 3,6 метри. Во Соединетите Американски Држави, клиентот става маркер со QR код на тревникот за да го води дронот до местото на испорака. Во Обединетото Кралство, Амазон планира да користи испорака без маркери, со беспилотни летала кои ги идентификуваат локациите за испорака користејќи GPS.
Со испораките ќе се справи со помал и потивок дрон МК30 претставен од Amazon до крајот на 2023 година. Овој дрон може да работи при слаб дожд и ветер и да патува до 12 километри за испорака.