Рубрика: Информатика
Kакви шеми користат измамниците на Интернет и како да се заштитите
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 24.11.2023 - 09:45

Конечно дојде празникот на сите “шопохоличари” – Black Friday! Ред е да уживате во попустите и купувањето, но внимавајте каде го правите тоа. Kaspersky објави нов извештај во кој ги открива најновите безбедносни закани поврзани со купувањето. Повеќе од 13 милиони фишинг напади поврзани со е-продавници се регистрирани оваа година, при што измамниците се претставувале како популарни платформи за купување, луксузни брендови и продавници за гаџети, велат од Касперски.

Според експертите на компанијата, измамите и фишингот се омилената тактика на измамниците кои бркаат профит. Во првите десет месеци од 2023 година, Kaspersky идентификуваше 30 803 840 фишинг напади насочени кон онлајн купувачите, платежните системи и банките. Платформите за е-трговија биле користени како мамка во 43,5% од сите напади, или во бројки тоа биле 13 390 142 напади.

Од октомври, се бележи трикратно зголемување на домени што ги користат зборовите „Црн петок“ (Black Friday), од непостоечки продавници до убедливи реплики на вистински онлајн платформи. Од почетокот на есента, Kaspersky постојано открива и ги посочува големиот број лажни продавници кои нудат облека, уреди и гаџети. Најчести се шемите со фиктивни продавници, каде луѓето плаќаат за производи што никогаш не ги добиваат. Друга шема вклучува кражба на податоци од картичката. Корисниците ги оставаат податоците за да платат за наводната стока, по што измамниците почнуваат со постепено повлекување на пари и празнење на сметките на жртвите. На пример, измамнички сајт се маскира како позната шопинг платформа и ги мами корисниците да купат подарок картичка вредна 800 евра за 1,95 евра. Бидејќи ветената картичка за подарок обично не постои, тие ќе останат без пари.

Експертите на Kaspersky, исто така, откриле дека измамниците во 240 000 фишинг напади злоупотребиле големи брендови како eBay, Walmart, Alibaba и локални платформи како Mercado Libre. Луксузните брендови им се привлечни поради поголемиот потенцијал за заработка.

Онлајн купувањето е главна цел за измами, особено за време на настани како што е црниот петок. Измамниците потоа ги интензивираат своите активности, искористувајќи го зголемувањето на онлајн сообраќајот и желбата на клиентите да зграпчат поволни цени. Од клучно значење е да бидете претпазливи и да применувате безбедни практики во онлајн опкружувањето, заштитувајќи се од потенцијалните закани додека уживате во придобивките на дигиталниот пазар“, коментира Олга Свистунова, експерт за безбедност во Kaspersky.

Клучни зборови: