По бурниот викенд – отказ од OpenAI, преговори со OpenAI, неочекуван трансфер во Мајкрософт, најави за повлекување на целиот тим од OpenAI во Мајкрософт, па поддршка од тимот (меѓу кои и од привремениот извршен директор Мира Мурати) со закана како знаат да го вратат главниот во компанијата или и тие бегаат со него, се чини дека соосновачот на OpenAI, Сем Алтман, сепак ќе се врати на позицијата извршен директор во OpenAI!
Последното случување во вид на отвореното писмо од вработените кои предупредија дека сите ќе дадат отказ доколку Алтман не биде вратен на функцијата, се чини дека ја прелеа чашата кај бордот што го отпушти Алтман во петокот и ги натера да ги разгледаат нивните одлуки, јавува Би-Би-Си.
Да потсетиме, минатиот петок, при крајот на работното време, пристигна шокантната вест дека пионерот на вештачката интелигенција и ѕвезда на глобалната технолошка сцена, Сем Алтман, е отпуштен од компанијата што ја основал и раководел. Во образложението не беа дадени детални причини, но од соопштението, дадено прилично магловито, можеше да се заклучи дека одборот го отпуштил Алтман затоа што ги лажел.
„Заминувањето на г-дин Алтман уследи по процесот на ревизија од страна на одборот, кој заклучи дека тој не бил искрен во комуникацијата со одборот, што ја попречувало неговата способност да ги извршува своите одговорности. Одборот повеќе нема доверба во неговата способност да продолжи да го води OpenAI“, беше напишано во соопштението на компанијата.
А потоа целиот викенд го зеде текот на своевидна сапунска опера или, ако повеќе милувате епска сага.
Уште веднаш се слушнаа гласини дека во OpenAI се чини дека се предомислиле, па преговараат со Алтман да го вратат на чело на компанијата, каде како привремена замена се најде Мира Мурати. Гласините беа поттикнати од објавата на Алтман на X (поранешен Твитер) – селфи направено во просториите на OpenAI, со картичка со назнака “посетител” во рака. Но, потоа следеше ново изненадување. Сатја Надела следниот ден најави дека Алтман ќе се придружи на нивниот тим за ВИ во Мајкрософт, а заедно со него во тимот ќе влезе и Грег Брокман, кој исто така доби отказ во OpenAI веднаш по Алтман. И ова не беше крај на сагата. Во меѓувреме добар дел од вработените во OpenAI преку X (екс-Твитер) му испраќаа пораки со поддршка на Алтман, што многумина го протолкуваа како подготвеност и тие да си заминат и да му се придружат на Алтман, што се чини дека се покажа точно. Имено, преку 500 вработени во OpenAI, меѓу кои и Мира Мурати, гневни на одлуката од бордот да го отпушти Алтман вчера се заканија дека и тие ќе ја напуштат компанијата ако не се најде начин за тој да се врати на лидерското место.
И денес, дојдоа нови вести – се чини дека Сем Алтман сепак се враќа на челото на OpenAI! Покрај враќањето на Алтман како извршен директор, компанијата OpenAI начелно се согласила делумно да го реконституира управниот одбор на директори којшто почетно го отпушти. Дали е ова конечна разрешница на оваа драма? Останува да почекаме.