Рубрика: Информатика
Која е Мира Мурати, жената што го менува Сем Алтман како главен директор на OpenAI
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 20.11.2023 - 13:15

По ненадејното и принудно заминување на Сем Алтман од челната позиција на компанијата, како привремен извршен директор на OpenAI е поставена Мира Мурати. Иако се зборува за можно враќање на Алтман, јавноста е заинтригирана од 34-годишната Албанка, а тука е и прашањето зошто управниот одбор на компанијата посочи дека таа не е добро трајно решение?

Неодамна за привремен генерален директор на OpenAI беше назначена технолошкиот директор Мира Мурати. Мира Мурати, според соопштението на компанијата OpenAI, веќе пет години е член на лидерскиот тим на компанијата. Таа одигра клучна улога при еволуцијата на компанијата во глобален лидер во вештачката интелигенција. Во соопштението во петокот, компанијата рече дека Мира носи „уникатен сет на вештини, разбирање на вредностите, оперативниот дел и деловното работење на компанијата, а веќе води истражувања, развој на производи и безбедносни функции на компанијата”.

Читајќи ги сите овие пофалби упатени кон Мурати, од прва би рекле дека е избрана вистинската личност за функцијата извршен директор. Но, од компанијата истакнуваат дека Мурати е привремено на ова водечко место на OpenAI, кое ќе го пополнува сѐ дури не биде пронајден постојан наследник на Сем Алтман, кој беше отпуштен. А колку и да тоа звучи збунувачки, оваа потрага би можела да заврши слично како што започна, ако им се верува на гласините. Имено, според она што “се шушка” одборот на директори на OpenAI, наводно, преговара за враќање на Алтман на чело на компанијата!

 
 
 
 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by INNVEST (@innvestfund)

Сѐ додека тоа не се случи (ако се случи), актуелниот директор е во очите на јавноста, а меѓу безбројните прашања кои се поставуваат, особено се издвојуваат две: која е Мира Мурати и зошто управниот одбор навестува дека првата дама на ChatGPT не е добро трајно решение, односно дека таа е подготвена да ја води компанијата, но не и целосно да го замени Сем Алтман?

Родена во Албанија, во градот Валона во 1988 година, а израсната во Канада, Мира Мурати вложи голем напор да научи и да стекне искуство во областа на математиката, машинското инженерство и менаџментот. По образование е машински инженер. На многу млада возраст, таа покажала големи инженерски вештини со изградба на хибриден тркачки автомобил за време на студиите на Дартмут колеџот во Њу Хемпшир, САД. Има работено во воздухопловството, автомобилската индустрија, на развојот на виртуелна (VR) и зголемена реалност (Augmented reality). Таа ѝ се приклучи на компанијата OpenAI во 2018 година, откако нејзината биографија вклучуваше работа во компанијата Тесла на Илон Маск, каде што одигра клучна улога во развојот на Model X и Lip Motion, старт-ап кој разви компјутерски систем за следење на движењата на рацете и прстите.

 
 
 
 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Tech Talk AI (@tech.talk.ai)

Според 34-годишната Албанка, токму при нејзината работа во Тесла имала допир со вештачката интелигенција и тоа ја инспирирало да бара работа во таа област.

Мурати со години работела во OpenAI без некое големо експорнирање, надгледувајќи го развојот на револуционерните производи какви што се ChatGPT и DALL-E. Иако звањето технолошки директор го носи од минатата година, сегашните и поранешните вработени велат дека Мира била главна кога во доменот на работењето на компанијата, водејќи сметка инженерите да ги развиваат и испорачуваат верзиите на ChatGPT според зацртаниот распоред.Таа, исто така, била задолжена за комуникација со Мајкрософт, кој како инвеститор и партнер имплементираше технологија развиена во OpenAI и помогна во обликувањето на политиката за вештачка интелигенција на компанијата во Вашингтон и во Европа, според Њујорк Тајмс.

Таа има докажана способност во составување на тимови со техничка експертиза, комерцијална вештина и со длабоко почитување кон важноста на мисијата. Како резултат на тоа, Мира помогна во градбата на некои од највозбудливите технологии базирани на вештачка интелигенција што некогаш сме ги виделе“, напиша извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела во написот за Мира објавен од магазинот Тајм.

Мурати ја презела одговорноста за дистрибуција на генераторот на слики, алатката DALL-E, и на генераторот на текст, ултрапопуларниот ChatGPT, кој привлече стотици милиони корисници речиси веднаш по неговото лансирање минатата година.

Како што овие два проекти стекнуваа сѐ поголема популарност, така Мира почна почесто да се појавува во медиумите и на конференциите.

Мошне важно е да се донесат овие технологии до јавноста, но на начин кој е одговорен и безбеден“, рече Мурати минатата година како гостин во емисијата Дејли шоу (The Daily Show) на Тревор Ноа. „Ако градите интелигенција, тоа е толку клучна единица на универзумот што влијае врз сè. Што може да биде поинспиративно од подигањето и зголемувањето на колективната интелигенција на човештвото?“, порача Мира Мурати во август на една конференција одржана во Силиконската долина.

Клучни зборови: