Денес започна дводневната конференција „Градење на сајбер-отпорни организации“ иницирана од страна на Комитетот за дигитална трансформација при Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам). На конференцијата ќе учествуваат голем број експерти за кибер безбедност и активни чинители во сферата на дигиталните трансформации од јавниот и приватниот сектор, со цел споделување знаење и најдобри практики во развојот на кибер-отпорни организации.
Конференцијата ја отвори претседателот на бордот на директори на АмЧам во Македонија, Драган Давитков, кој истакна дека градењето на отпорни дигитални системи не е избор, туку неопходност со цел да се обезбеди функционалност на модерното општество – на локално, регионално и глобално ниво. Притоа, секое дигитално решение мора да биде проследено со соодветна и проактивна безбедносна стратегија.
Работниот дел започна со предавањето на Бранко Приметица, партнер во Cedars International, кој зборуваше за потребата од проактивност во унапредувањето на кибер безбедноста. Тој го објасни проактивниот пристап како навремено идентификување и корегирање на слабостите во дигиталните системи пред тие да бидат експлоатирани од страна на кибер-напаѓачите. Тој цитираше истражување на „Економист“, според кое организациите што применуваат проактивен пристап забележуваат дури 53% помалку сајбер напади. Впрочем, „секогаш повеќе чини опоравувањето од сајбер-нападите, отколку инвестициите во сеопфатна, проактивна програма за сајбер-безбедност“ – заклучи Приметица.
Конференцијата продолжи со панелот „Стратегија за дигитализација и сајбер безбедност на Македонија“, во која учествуваа: Славица Грковска, заменик на претседателот на владата задолжен за политики за добро владеење; Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација; и Јетон Акику, директорот на Агенцијата за електронски комуникации.
На панелот беа претставени заложбите и планираните реформи на државата за забрзување на дигиталната транформација во јавниот сектор, истовремено осврнувајќи се на мерките кои се преземаат во одржувањето и заштитата на имплементираните дигитални системи.
Следно беше предавањето на Емили Хардинг од Вашингтон, САД, инаку виш соработник и заменик директор на Програмата за меѓународна безбедност на CSIS. Таа зборуваше на тема: „Градење на сајбер отпорност во дигиталниот свет“, истакнувајќи дека организациите треба да размислуваат во насока на транзиција од кризен менаџмент кон градење на флексибилна системска отпорност во сајбер безбедноста. Притоа, Хардинг ја дефинираше отпорноста како способност на организациите да ги предвидуваат, да ги издржуваат, да се опоравуваат и да се адаптираат во однос на кибер нападите. Таа потоа посвети внимание на секоја од овие четири компоненти, заклучувајќи дека континуираната отпорност носи големи придобивки, а има помал трошок отколку реакционизмот кон поединечни напади.
Првиот работен ден на конференцијата беше заокружен со уште три панел дискусии, посветени на различни аспекти од развојот на кибер безбедноста. Во панелите учествуваа претставници од академската заедница, бизнис секторот и јавните институции, кои што дискутираа за клучните компоненти што ги сочинуваат програмите за унапредување на дигиталната заштита, потоа за едукацијата на стручен персонал, како и за буџетирањето на инвестиции за кибер заштита.
Утрешниот ден на конференцијата ќе стартува со презентацијата на Сенад Аруч, кој ќе понуди осврт на состојбата и политиките поврзани со сајбер безбедноста во регионот.
До крајот на денот ќе се одржат уште неколку презентации и дискусии во кои главниот збор ќе го имаат претставници на приватниот сектор, а ќе се фокусираат на претставување на апликативни системски решенија со кои ќе се унапреди кредибилитетот на сајбер-архитектурата на секоја една организација, преку автентикација и мониторинг на обидите за пристап до мрежа.
Целосната агенда од вториот ден на конференцијата може да се погледне ТУКА, а исто така ќе биде обезбеден и онлајн стриминг во живо кој може да се следи на следниот ЛИНК (webinar: 2392 025 4148 ; pass: 1611).