Рубрика: Медицина
Стар лек претставен како превентива што го преполовува ризикот од карцином на дојка
Објавено на 13.11.2023 - 17:45

Анастрозол, хормонална терапија што ги намалува шансите за развој на најчестата форма на карцином на дојка, станува достапна како превенција во Велика Британија за жените кои се со најголем ризик од развој на ваков тумор. Имено, регулаторната агенција за лекови на системот за здравствена заштита на Обединетото Кралство процени дека пуштањето во оптек на овој веќе постоечки лек сега пренаменет како средство за превентива, директно засега  околу 289 000 жени со умерен или висок ризик да бидат дијагностицирани со овој вид рак, затоа веќе навлегле во менопауза (фаза од животот кога се зголемува ризикот за развој на неоплазија на дојка) или според семејната здравствена историја. Пациентите кои ќе проценат дека се во ризичната група, ќе треба да го контактираат матичниот лекар за да добијат пристап до терапијата, која се состои во секојдневно земање таблета од 1 mg  во текот на пет години.

Како делува овој лек? Анастрозолот претставува хормонална терапија и припаѓа на класата лекови што влијаат врз производството на одредени хормони. Попрецизно, овој лек ја блокира синтезата на естрогенот со деактивирање на ароматаза, ензим неопходен за претворање на андрогенот (машките полови хормони произведени од надбубрежните жлезди) во естроген, процес што започнува со менопаузата и продолжува да се одвива понатаму.

На многу форми на карцином на дојка потребен им е естроген за да растат, а снастрозолот веќе подолго време се користи за лекување на карцином на дојка кај пациенти кои веќе минале низ периодот на менопауза. Сега, британската регулаторна агенција врши проширување на намената на овој лек претставувајќи го и како форма на превенција за голем број на пациенти.

Колку животи ќе спаси овој потег е тешко е да се утврди . Ова зависи од бројот на пациенти кои одлучуваат да го започнат третманот и кои ќе бидат вољни да се носат и со несаканите ефекти во текот на третманот. Најчести нарушувања поврзани со терапијата се изблици од топлина, умор и летаргија, губење на густината на минерали во коските, ригидност на зглобовите; иако поретко, некои од пациентите може да чувствуваат, гадење, пориви за повраќање и дијареја, осип на кожата, главоболки, опаѓање на косата.

Како пишува Гардијан, се проценува дека дури и ако само една четвртина од 289 000 жени што се во ризичната група изберат да го практикуваат правото на лекување, би можеле да се избегнат 2000 новодијагностицирани карциноми на дојка.

Анастрозол е првиот лек што најде „втор живот“ во контекст на програмата за пренамена на лековите на Велика Британија, програма која го анализира потенцијалот на лекови што веќе постојат за примена во други цели освен вообичаените. Истиот пристап, за време на пандемијата, доведе до пренамена на тоцилизумабот, лек против артритис, и дексаметазонот, кортикостероид користен против алергиски манифестации, како третмани за справување со ковид.

Клучни зборови: