Атмосферата на Венера е речиси целосно составена од јаглерод диоксид, но германските астрономи открија кислород насекаде во атмосферата на планетата – и на нејзината дневна и на ноќната страна од планетата. Откритието може да помогне да се утврди зошто атмосферата на Венера е толку различна од нашата, а сознанијата би можеле да се искористат во поддршката на идните вселенски мисии на Венера.
Најблискиот сосед на Земјата во Сончевиот систем, Венера е речиси идентична по големина со Земјата – нашата планета има радиус од 6371 km, додека оној на Венера изнесува 6052 km. Земјата и Венера се како близначки во Сончевиот систем, иако “ѕвездата” Деница би можеле повеќе да ја опишеме како „злобниот близнак“ од парот. (Повеќе за ова во Венера – непријателската ѕвезда деница, Емитер (9/2002)
Атмосферскиот сјај над облаците кај Венера предизвикан од присуството на кислород Слика: ЕСА (2007 година)
Нашата гостопримлива, сина планета е поддржана од атмосфера богата со кислород. Атмосферата на Венера е составена од околу 96% јаглерод диоксид (CO2), 3,5% молекуларен азот и траги од други гасови, вклучувајќи јаглерод моноксид, сулфур диоксид, водена пареа, аргон и хелиум. Истовремено, Венера ја има и најтешката атмосфера меѓу карпестите планети во Сончевиот систем, која врши притисок од 93 бари на површината на планетата, што е еквивалентно на притисокот на длабочина од околу 900 метри под површината на земските мориња и океани.
Композитна слика на планетата Венера видена од јапонската сонда Акацуки Слика: Институт за космологија и астронаутика /Јапонска агенција за вселенски истражувања
Се смета дека условите на Венера се резултат на „неконтролиран ефект на стаклена градина“. Научниците долго време теоретизираа дека Венера некогаш била мошне слична на Земјата, па дури предлагаа дека таа некогаш имала и океани. Но, нејзината близина до Сонцето значи дека Венерините океани испариле, ослободувајќи водена пареа во атмосферата. Под дејство на УВ зрачењето,овие молекули потоа се распаднале по што водородот „избегал” во вселената, додека во атмосферата се создал CO2, што довело до условите што сега владеат на Венера. (Повеќе за Венера може да прочитате во написите од листата тука )
Авторите на трудот објавен неодамна во Nature Communications предлагаат дека кислородот присутен во атмосферата на Венера се произведува на денската страна од планетата, со разградување на јаглеродниот диоксит (CO2) и на јаглерод моноксидот (CO). Потоа, атмосферските струења го пренесуваат и на ноќната страна од планетата. Имено, Венера ротира мошне бавно, еден ден на Венера трае цели 243 земјини денови, додека една револуција на планетата околу Сонцето трае 225 дена, што значи дека денот на планетата е и подолг од една година!
Бледиот сјај од Земјината атмосфера се толкува на следниов начин: возбудениот кислород на поголема надморска височина создава слој од блед црвенкаст сјај на воздухот. Побудениот натриум го формира слојот со жолт сјај. Воздухот е најсветол во текот на дневните часови, но овој сјај се “топи” наспроти сончевата светлина на небото и е невидлив. Слика: НАСА/ белешки Алекс Ривест
Досега извршените набљудувања на Венера открија присуство на атомски кислород (значи не молекуларен кислород врзан во О2), во слабата светлинска емисија од планетарната атмосфера присутна на нејзината ноќна страна. Новата студија анализирала 17 точки од ноќната и од дневната страна на планетата и открила присуство на кислород на сите локации. Мерењата биле направени со помош на мрежниот спектрометар сместен во авионот на Стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астрономија (Stratospheric Observatory for Infrared Astronomy) на НАСА.
Највисока концентрација на кислород е пронајдена на висина од 100 километри над површината на Венера.
Венера фотографирана во ултравиолетово светлинско подрачје од вселенското летало Pioneer Venus Orbiter (Pioneer 12), на 26 февруари 1979 година
Бледиот сјај од Земјината атмосфера се толкува на следниов начин: возбудениот кислород на поголема надморска височина создава слој од блед црвенкаст сјај на воздухот. Побудениот натриум го формира слојот со жолт сјај. Воздухот е најсветол во текот на дневните часови, но овој сјај се “топи” наспроти сончевата светлина на небото и е невидлив. Слика: НАСА/ белешки Алекс Ривест