Мобилниот бренд на Леново Моторола повторно ја актуелизира идејата за свитлив смартфон во вид на нараквица. Приспособливиот дисплеј на Моторола имаше свое демо претставување на Lenovo Tech World '23 во Остин, Тексас, но ова и не значи дека бргу ќе го видиме и во продавниците.
На прв поглед смартфонот изгледа сосем обично – OLED плоча сместена во куќиште обоено во жарко портокалова боја од задната страна. Но, мошне бргу телефонот може да се превитка во форма на лак, а потоа и да се постави околу рачниот зглоб небаре нараквица. Од прикажаното се чини дека телефонот мошне брги се прилагодува на новата поставеност, при што телефонот наликува на паметен часовник.
На прикажувањето концепт-телефонот беше поставен околу сребрена лента која веќе беше завиткана околу зглобот на демонстраторот. Од Lenovo не објасниле зошто ова е потребно, но во The Verge се сомневаат дека оваа поставеност веројатно е критична за телефонот, имајќи улога на магнет кој го држи безбедно прикачен во новата позиција при движење на корисникот. Имено, и видеата дистрибуирани од Моторола исто така покажуваат дека корисникот носи некаква лента со метален изглед на зглобот околу која се обвиткува смартфонот, а нешто слично може да се забележи и на сликите од уредот.
Според соопштението за печат на Motorola, концепт-уредот има FHD+ резолуција на екранот со дијагонала од 6,9 инчи, кога е рамен. Во овој решим уредот нуди „целосно Android искуство, исто како и секој паметен телефон“, велат од Motorola.
Според ArsTechnica концептот прикажан оваа недела се разликува од концептот прикажан на Lenovo Tech World '16 по тоа што може да се заобли или свитка во исправена положба. Од Моторола истакнуваат дека уредот може да се прилагоди во самостоечка положба, при што користи покомпактна форма од целосен Android на екран од 4,6 инчи. Корисниците, исто така, можат да го завиткаат уредот околу зглобот за искуство налик на надворешниот дисплеј присутен кај motorola razr+.
Како што воочува The Verge, се чини дека телефонот повеќе не „крцка“ кога се завиткува околу зглобот на корисникот. Но, и ако се изземе ова подобрување, се чини дека во Motorola се уште гуи чека подоста работа до објавување на конечниот дизајн за продажба.
Иако можностите за ваква дизајн форма се истражуваат веќе со години, се чини дека сè уште постојат има некои ограничувања во однос на практичната употреба. Па така, не е јасно колку би тежел паметниот телефон, како и колку би се загревал вака поставен околу зглобот, на пример. Дополнително тоа што мора да носите втор производ за да ја добиете целосната функционалност на паметниот телефон изгледа заморно. А да не збориме и за цената и издржливоста на уредот, како и интересот на купувачите. Имено, според податоците на IDC од декември, телефоните на преклоп имаа удел од едвај околу 1% до 2% од светскиот пазар, иако тие очекуваат брз пораст нивниот удел (проектирана сложена годишна стапка на раст од 27,6% за периодот од 2022 до 2027 година) и намалување на нивната цена на чинење.
Извор Ars Technica