Рубрика: Медицина
Ветувачки резултати од првите клинички испитувања за третман за сепса со витамин Ц
Објавено на 18.10.2023 - 14:00

Во Австралија само што не започнала новата фаза клинички испитувања за ветувачки нов третман за сепса за кој истражувачите велат дека може да спаси безброј животи. Новиот третман се нарекува натриум аскорбат – PH избалансирана верзија на витамин Ц – и се доставува во вид на она што научниците го нарекуваат „мега-доза“ во крвотокот. Количината што се доставува со третманот е еквивалентна на витамин Ц од илјадници портокали, значи не се надевајте дека ќе излечите сепса со само неколку таблети витамин Ц.

Сепсата е мошне комплицирана и смртоносна медицинска состојба која води до откажување на повеќе органи. Сепсата започнува со инфекција, вообичаено бактериска. Но, наместо вашето тело да се бори со инфекцијата, имунолошкиот систем почнува да ги оштетува сопствените ткива и органи. Ако не се лекува, органите почнуваат да откажуваат, а тоа може да биде смртоносно.

Сепсата е најголемиот убиец во одделенијата за интензивна нега во светот“, посочува професор Риналдо Беломо, директор за истражување на интензивна нега во болницата Остин во Мелбурн, Австралија. „Честопати состојбата се развива толку брзо што пациентите се веќе критично болни додека да дојдат до нас. Третман кој делува брзо, а е безбеден и високо ефикасен би донел апсолутна промена“.

Во клиничкото испитување од фаза 1, чии резултати штотуку беа објавени во Critical Care, биле третирани 30 пациенти во болницата Остин во Мелбурн, од кои 15 со натриум аскорбат и 15 со плацебо. Притоа мошне важно е тоа што испитувањето било истовремено и рандомизирано и двојно слепо, што значи дека ниту лекарот што го дава третманот, ниту пациентот не знаеле кој третман го добиваат.

Оние на кои им биле дадени 60 грама натриум аскорбат покажале намален резултат при проценката за последователна органска инсуфициенција и зголемено исфрлање на урина, што укажува на тоа дека бубрезите и другите органи се подобруваат.

Истражувачите откриле дека инфузијата на мегадоза натриум аскорбат директно во крвотокот е безбедна, а истовремено добиле и силни физиолошки сигнали дека таа носи подобрување на функцијата на бубрезите, овозможува намалување на лековите за одржување на крвниот притисок, а добиени се сигнали и за подобрување на функцијата на повеќе органи.

Ова делумно се должи на начинот на којшто натриум аскорбатот делува. Во претклиничките испитувања, истражувачите откриле дека натриум аскорбатот претставува вроден стимуланс на имунолошките клетки и тие сметаат дека со администрирањето на лекот тие вбризгуваат огромни количини на антиоксиданси во крвотокот што овозможува организмот да се бори против оксидативниот стрес.

Следен чекор на тимот е спроведување на поголемо клиничко испитување од фаза 2, во кое ќе бидат вклучени 300 пациенти ширум Австралија. Испитувањето треба да започне уште следниот месец и ќе се фокусира на ефикасноста на лекот за намалување на случаите со отказ на повеќе органи и смрт во одделенијата за интензивна нега.

Клучни зборови: