Ако сте загрижени за безбедноста, избришете ги последните 15 минути од историјата на пребарување во апликацијата Google. Бришењето на последните 15 минути од историјата на прелистување се врши во неколку чекори.
Инкогнито режимот на Google Chrome е идеален за безбедно сурфање на Интернет, но понекогаш може да се случи да заборавите да го отворите или да сакате да направите индивидуално приватно пребарување за нешто што ве интересира за кратко време. Идеална помош во вакви ситуации може да биде новата функција во апликацијата Google што ви овозможува да ги избришете последните 15 минути од историјата на пребарување во неколку клика.
Оваа функција е достапна и на уредите со Android и на оние со iOS. Ако сакате поприватно да пребарувате на Интернет од компјутер или од Chromebook, ќе мора да го користите Инкогнито режимот бидејќи бришењето на последните 15 минути од историјата на пребарување сè уште не е достапно на овие уреди.
Постапката за бришење е следна:
1. Ја отворате апликацијата за пребарување на Google. Притоа внимавајте што кликате. Ако по отворањето не ја гледате сликата на вашиот профил, веројатно сте го отвориле додатокот за пребарување на Google т.н. виџет наместо апликацијата;
2. Кликнувате врз сликата на вашиот профил во горниот десен агол од екранот;
3. Избирате Избриши ги последните 15 минути – и тоа е тоа!
Не грижете се ако забележите дека вашата историја на прелистување не е веднаш избришана, бидејќи процесот трае неколку минути. Бришењето на последните 15 минути од историјата на пребарувањa во апликацијата GoogleSearch ќе се врши на сите уреди каде што сте најавени со истата сметка на Google.
Ова е корисно да се знае бидејќи, како што веќе споменавме, апликацијата Google ја нема оваа функција за десктоп/лаптоп компјутерите и за Chromebook. Значи, ако сакате да ги избришете последните 15 минути од пребарувањата што сте ги направиле на вашиот компјутер или Chromebook, отворете ја апликацијата Google Search на вашиот мобилен телефон и применете ги споменатите чекори.
Сите пребарувања постари од 15 минути нема да се избришат со овој метод, но за нив веќе постои позната процедура. Откако ќе кликнете во полето за пребарување, треба да се најдат претходните поединечни пребарувања. Откако ќе ги најдете, допрете ги и задржете ги додека не се појави опцијата „Избриши“, а потоа кликнете на неа за да ги избришете.
Бришењето на последните 15 минути од историјата на прелистување е трајно дејство. Со други зборови, повеќе немате можност да ги вратите овие резултати бидејќи тие се трајно избришани.
Методот е одличен за постигнување привремена безбедност и приватност при прелистување на Интернет, но ви препорачуваме однапред да се запознаете со можностите на Google Chrome за да можете да бидете активни на Интернет без грижа, заштитени со безбедносните поставки што вам ви одговараат и кои претходно сте ги нагодиле самите.