Рубрика: Астрономија и астронаутика
Метеоролошките услови на Нептун го следат ритамот на Сонцето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.10.2023 - 13:30

За Нептун владееше мислење дека е замрзната, премногу изолирана планета за Сонцето да има некое сериозно влијание врз неа. Но, се чини дека не е така. Временските услови на Нептун се развиваат во согласност со ‘расположението’ на Сонцето.

Лоциран на 4,5 милијарди километри од центарот на Сончевиот систем, растојание речиси 30 пати поголемо од она помеѓу Земјата и Сонцето, Нептун еволуира во исклучително студена и темна средина. Гледано од страна на осмата планета во Сончевиот систем, Сонцето е само светла точка со привиден дијаметар 30 пати помал од оној на полната месечина што ја гледаме од Земјата. Нептун добива околу 0,1% од интензитетот на светлината што пристигнува на Земјата. Сè упатува кон тоа  дека Сончевите зраци мошне малку влијаат врз оваа ледена планета... а сепак!

Во 1989 година сондата Војаџер 2 го фотографираше Нептун додека минуваше во близина на планетата. Фотографиите открија присуство на мошне издолжени облаци, налик на цирусните облаци во атмосферата на Земјата. Нептуновите облаци се формираат на големи надморски височини и добро ја рефлектираат светлината, поради што добиваат бела боја која контрастно ги издвојува од синкавиот и темен изглед на планетата.

Кривата ја претставува сончевата активност и нејзините УВ емисии во функција на времето. Споредбата на слики од Нептун во истите периоди ја истакнува корелацијата помеѓу активноста на ѕвездата и формирањето на облаци во атмосферата на планетата. Слика: Nasa, ESA, LASP, Erandi Chavez (UC Berkeley), Imke de Pater (UC Berkeley)

Се чини дека појавата на овие облаци следи еден редовен ритам, со максимално изобилство забележано во 2002 и 2015 година, и периоди на речиси целосно нивно отсуство во 2007 и 2020 година. За време на овој последен минимум, облаците дури исчезнаа на неколку месеци.

Според истражувачите, овој ритам не е произволен, туку се заснова на циклусот на Сонцето. Во просек на секои единаесет години (помеѓу осум и петнаесет години), магнетното поле на Сонцето се менува. По оваа промена, ѕвездата влегува во мирна фаза, а потоа полето добива на интензитет и сложеност. Бројот на сончеви дамки и ерупции поврзани со оваа активност се зголемува додека не достигне максимум и магнетното поле повторно не се промени.

Максималната густина на облаците на Нептун се случува околу две години по максималната активност на Сонцето. При максимална сончева активност, ултравиолетовото зрачење е особено интензивно. Според истражувачите, тоа предизвикува фотохемиски реакции во атмосферата на Нептун што доведува до формирање на облаци. Но, процесот се одвива бавно, што би го објаснило доцнењето од две години.

Заклучоците се изведени со долготрајно набљудување спроведено помеѓу 1994 и 2022 година, со користење на податоци од вселенскиот телескоп Хабл и опсерваториите Кек (на Хаваи) и Лик (во Калифорнија), од страна на  Еранди Чавез од Универзитетот во Беркли, Калифорнија, и неговите колеги.

Клучни зборови:
Кривата ја претставува сончевата активност и нејзините УВ емисии во функција на времето.

Кривата ја претставува сончевата активност и нејзините УВ емисии во функција на времето. Споредбата на слики од Нептун во истите периоди ја истакнува корелацијата помеѓу активноста на ѕвездата и формирањето на облаци во атмосферата на планетата. Слика: Nasa, ESA, LASP, Erandi Chavez (UC Berkeley), Imke de Pater (UC Berkeley)