Според британските истражувачи, изучувањето математика пред спиење води кон подобро задржување на она што сте го научиле. Нивните наоди беа објавени неодамна во списанието Royal Society Open Science.
Студијата „ја тестираше хипотезата дека учењето сложени проблеми со множење (на пример, 8 × 23 = 184) пред спиење оди во прилог на помнењето кај возрасните учесници наспроти изучување на проблемите пред периодот на будност“, пишуваат авторите.
Во финалната анализа биле вклучени 77 учесници. Тие имале вечерна сесија за учење, проследена со сон, а изутрината имале тест за да се провери колку од наученото било запомнето. Помеѓу вечерната сесија за учење и утринскиот тест била оставена пауза од околу 10,5 часа. Исто така учесниците имале уште една сесија за учење наутро, а тестот за проверка на наученото сега бил поместен во вечерните часови, 10,5 часа подоцна.
Учесниците биле избрани по случаен избор да го изработат најнапред вечерниот или утринскиот тест, додека една недела подоцна го работеле утринскиот односно вечерниот тест, во опишаните услови. Резултатите на учесниците биле подобри во услови кога зададените уроци биле решавани пред спиење, а тестот бил работен наутро. Според истражувачите, подобрувањето во просек е еквивалентно на „подобро запомнет еден дополнителен факт“.
Тие забележуваат дека придобивката од спиењето за задржувањето на меморијата е слична, но е нешто помала, од ефектот што веќе бил идентификуван при помнењето на нови зборови.
Во суштина оваа студија претставува уште еден доказ за благодатите на сонот за меморијата и за учењето.