Рубрика: Информатика
Во Скопје почнува првиот Меѓународен технолошки самит за вештачка интелигенција
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.09.2023 - 01:45

Вештачката интелигенција (ВИ) и технологијата станаа водечки тренд кој свое место и примена во речиси сите сегменти од нашето живеење, дури и на најнеочекуваните места, дури на пример и во земјоделството, спортот, или во едукација. Ако се следи имагинацијата можностите што ги носи вештачката интелигенција за унапредување на истражувањата и иновативноста, развојот на бизнис стратегиите, планирањето и организацијата на производството, се бескрајни. Веројатно оттука и идејата за организирање на еден ваков голем настан каде ќе стане збор за сиве овие можности и начините на којшто би можеле да го отклучиме потенцијалот на оваа моќна алатка.

Според ветувањето на организаторите, Самитот за технологија за вештачка интелигенција е врвен настан наменет за професионалците волјни да ги истражат најновите решенија со ВИ за различни индустрии, но и од прва рака да слушнат нешто повеќе за нив директно од лидерите на компаниите кои работат со вештачка интелигенција. Ова секако ќе им помогне на сите, дури и на најситните играчи во светот на бизнисот да ги согледаат можностите наспроти нив и да ги искористат за побрз развој од кој сите сите ќе имаат полза.

Во текот на следните два дена на AI Tech Summit  во Скопје ќе се зборува за етиката, ризиците како и заканите поврзани со технологијата за вештачка интелигенција, начините на инкорпорирање на ВИ во бизнисот, финансиите и индустријата, влијанието на генеративната ви врз инженерството и производството, машинското учење и важноста за избор на вистинскиот басен на податоци што се користи за овој процес. Конечно, збор ќе стане и за тоа како ВИ ќе го промени светот во којшто живееме, особено бизнис сферата и како да се прилагодиме за да просперираме во овој нов свет.

Познати имиња од индустрија со ВИ на дводневниот настан ќе имаат активно учество, со разгледување на најновите достигнувања и трендови но и студии на случаи. На подиумот на Македонската опера и балет ќе се појават експерти кои се сè уште активни и работат или работеле во  Мајкрософт, ББЦ, СвисКогнитив, Тесла, Гугл, Водафон итн., а ним ќе им се придружат и неколку претставници од домашната бизнис сцена. Целата листа на учесници може да ја видите на сајтот за овој настан тука

Организаторите на настанот овозможија Емитер од лице место да ве извести за случувањата на сцената на МОБ, за што поопширно ќе може да читате во следните денови на нашиот веб портал.

Клучни зборови: