Рубрика: Информатика
Гугл слави 25 години постоење
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.09.2023 - 17:15

Денес, 27 септември 2023 година, Google го слави својот  25-ти роденден. Ова е очебијно и од цртанката посветена на денот кога во 1998 година основачите на компанијата, докторантите Сергеј Брин и Лери Пејџ, ја основаа нивната оперативна база, првата канцеларија на Google, во изнајмена гаража.

Но интересно е што Google досега го одбележувал својот роденден и на други датуми. Па така, како роденденски ден понекогаш беше сметан 4 септември, денот кога во 1998 година било претставено барањето за основање на компанијата. Другпат прославите се случуваа на 7 септември, датумот на кој компанијата е основана, и за волја на вистината добар дел од сајтовите го одбележаа јубилејот на Гугл токму на овој датум. Но, 27 септември е, исто така, и датумот кога Пејџ и Брин, сè уште студенти, за прв пат го опишале проектот на нивниот нов пребарувач во публикација. Па, како се роди и еволуираше најкористениот пребарувач на планетата?

Брин и Пејџ се запознале на час по компјутерски науки на Универзитетот Стенфорд и набргу откриле дека обајцата имаат заедничка визија – да ја направат светската мрежа подостапно место. А пред да пристигнат до моментот со гаражата, тие неуморно работеле во нивните студентски домови за да го развијат прототипот за подобар пребарувач. Во 1997 година, Пејџ и Брин веќе неколку години работеа на зачетокот на алатката што ќе им помага на корисниците да се ориентираат во светот на World Wide Web. Но, првично тие се обиделе да ја продадат технологијата на една од компаниите што веќе постоеја во тоа време а кои имаа нивни популарни Интернет пребарувачи – Yahoo!, AltaVista и Excite.

За несреќа или среќа на Брин и Пејџ никој не бил вистински заинтересиран за пребарувачите, веројатно поради тоа што во тоа време сѐ уште не беше јасно како тие можат да станат извор на заработка. Во меѓувреме, пронајдокот на Пејџ и Брин се покажал како мошне популарен меѓу истражувачите од Стенфорд. Убедени дека никој друг не може да им помогне, двајцата во одреден момент решиле да започнат сопствен бизнис.

Во потрага по финансии за отпочнување на бизнисот тие се сретнале со Енди Бехтолшајм, менаџер на Sun Microsystems, компанија што произведува софтвер и полуспроводници. Легендата вели дека по само 15 минути Бехтолшајм испишал чек од 100 илјади американски долари и им го предал на Пејџ и Брин. Тие најнапред го прославиле успехот во Бургер Кинг, а потоа отидшле во банка, ја депонирале сумата и од тој момент започува незапирливиот подем на Гугл кој од година во година напредува и се надградува со нови додатоци и услуги – мапи, услуги за е-пошта, училишни платформи и, најново, вештачка интелигенција.

Но од каде потекнува идејата за името на компанијата? Името Гугл односно Google на англиски потекнува од бројот гугол, на англиски googol – огромен број што се пишува како 1 проследено со 100 нули. Потеклото пак на називот на оваа бројка е прилично интересен и се врзува со американскиот математичар Едвард Каснер. Наводно, во 1920 година, кога тој се шетал во шумата со неговиот внук Милтон Сирота, од него побарал предлог за име за неверојатната бројка. Одговорот бил гугол (googol), а терминот станал познат дваесет години подоцна, откако Каснер го спомнал во книгата „Математика и имагинација“.

Клучни зборови: