Реал Мадрид, најуспешниот фудбалски тим во историјата, наскоро ќе може да се пофали и со титулата клуб со најмодерен стадион на планетата. Подвижен покрив, тревен терен на одлагање, џиновски 360° ротирачки екрани... Супер хај-тек стадионот Сантијаго Бернабеу наскоро ќе биде претставен пред светот.
Стариот стадион Сантијаго Бернабеу беше отворен во 1947 година, по што имаше неколку големи реновирања во 1982 и во 2001 година. Но, од 2019 година стадионот е подложен на трето, радикално и футуристичко реновирање и рестилирање, чијшто резултат беше откриен во видео објавено на официјалните канали на Бланкосите. Работите се речиси завршени и датумот на инаугурација е одреден за 23 декември 2023 година, за кога е најавено шоу какво што може да се види во американските професионални спортови.
Оваа четврта реинкарнација на Бернабеу не само што ќе ја поврзе својата историја со фудбалот, туку и со кошарката, тенисот и американскиот фудбал, благодарение на разновидноста на решенијата пронајдени од дизајнерите на германското студио GMP Architekten, Шпанците од L35 и Ribas y Ribas Arquitectos. Стадионот ќе биде отворен седум дена во неделата и, според пресметките, треба да заработува околу 360 милиони евра годишно. Најизненадувачката иновација се однесува на теренот за играње, којшто може да се подели на шест долги подвижни ленти, кои со систем на шини за неколку часа се сместуваат во шест нивоа во подземната гаража, во посебен простор опремен со системи за наводнување и вештачко осветлување. Сето ова ќе послужи за зачувување на тревникот во случај кога на стадионот се одвиваат концерти и други настани, за време на кои е овозможено користење на похомогена и помалку расиплива подлога.
Гледајќи од надвор, првото нешто што се забележува е целосниот редизајниран на фасадата, со сребрени синусоидни линии што ги обвиткуваат трибините и ја пропуштаат светлината во внатрешноста. Линиите се веќе понабиени и речиси концентрични во горниот дел, којшто е проектиран да го смести новиот лизгачки покрив, што за петнаесетина минути стадионот ќе го претвори од отворен во затворен. И тоа не е сѐ! Мадридскиот стадион ќе биде опремен со нови големи екрани кои се ротираат за 360° степени, а на џиновскиот инсталиран однадвор и свртен кон Пасео де ла Кателана, во некои прилики ќе се прикажуваат моменти од она што се случува внатре, во реално време, па на тој начин ефективно ќе го зголеми и онака обилниот капацитет на стадионот од 80 илјади гледачи.