Рубрика: Медицина
Нова едноставна дијагностика за спречување на непотребна антибиотиска терапија кај деца
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.09.2023 - 13:30

Кога детето има висока температура, секогаш е тешко да се разбере што точно ја предизвикува. На лекарите честопати им треба многу време пред да ја постават точната дијагноза и да разберат дали симптомите се должат на вирус, бактерија или на нешто друго. Сега група истражувачи развиваат тест преку крв кој, доколку се покаже успешен, би овозможил дијагностиката на вообичаените болести да се изврши за само еден час. Испитувањата се сѐ уште во почетна фаза, но ако сѐ оди како што треба, овој нов пристап може да донесе „револуција за здравствениот сектор“, вели Мајкл Левин, еден од авторите на студијата објавена деновиве во Cell Med.

Дијагностичкиот тест се заснова на анализа на генската експресија на пациентот (процес со кој гените ги трансформираат информациите содржани во нивната ДНК во молекули). Истражувачите собрале податоци од неколку илјади луѓе, вклучително и преку илјада деца кои страдаат од заразна или воспалителна болест, со цел да се идентификуваат гените што биле „вклучени“ или „исклучени“ како одговор на низа патологии.

Служејќи се со машинско учење, истражувачите потоа осознале кои модели на генската експресија одговараат на различни болести и патогени, фокусирајќи се специфично на 161 ген, од илјадниците гени во човечкиот геном, и на 18 болести и состојби, меѓу кои и грипот, маларијата, E.coli, менингитисот и артритисот. На овој начин авторите велат дека успеале да го идентификуваат “молекуларниот потпис на огромен број болести”. Овие молекуларни потписи потоа беа ставени на тест во група од преку 400 болни деца, по што добиените резултати биле споредени со оние добиени со стандардни тестови. Новиот тест покажал надмоќна прецизност од над 90%!

Развојот на тестот е сè уште во зародиш. Допрва треба да започнат испитувања на илјадници хоспитализирани пациенти во Европа, Африка и Азија. Но, ако испитувањата се покажат успешни и методот биде одобрен, тој би можел да ја намали злоупотребата на антибиотици, кои лекарите честопати ги препишуваат пред да знаат дали се работи за вирусна или за бактериска инфекција.

Како што порачуваат авторите „Дијагностичкиот тест заснован на овој пристап може да го олесни нудењето на вистинскиот третман, на вистинскиот пациент, во вистинско време, истовремено оптимизирајќи ја употребата на антибиотици и намалувајќи го времето за дијагностицирање на воспалителни болести“.

Графички апстракт на научниот труд

Клучни зборови:
Графички апстракт на трудот

Графички апстракт на научниот труд