Вчера, 12 септември, со дегустации на македонски вина и храна, тимот на ВИНОПЕДИА стартува серија настани чијашто цел е промоција на изработката на првата винска енциклопедија. Македонија е прва земја на Балканот во која на иницијатива од приватниот сектор е започната подготовка и создавање на македонска винска енциклопедија Винопедиа (анг. Vinopedia), која ќе биде достапна и на македонски и на англиски јазик, во дигитална и во печатена форма. Како што откри Здравко Јосифовски, од тимот на Винопедија, печатеното издание од винската енциклопедија е планирано треба да стане достапно напролет во 2024 година, додека електронското издание на енциклопедијата, најавено за ноември, е веќе во предпродажба на Amazon.
ВИНОПЕДИА претставува прв и единствен во моментов активен проект за создавање на македонска винска енциклопедија на македонски и англиски јазик кој претставува референтен извор на информации за винската индустрија и култура во Македонија и македонските територии на Балканот. За жал, засега и овој проект што работи на промоција на Македонија тече без помош од државата.
Винската енциклопедија не е проект што се бави само со мапирање на современата состојба и евидентирање на постојните винарии, како и опис на современите процеси во производството на вино. Таа ќе ја опфати и длабоката историска традиција на македонските простори во доменот на лозарството, производството и консумпцијата на вина. ВИНОПЕДИА на едно место ги документира, архивира и промовира богатството на винската култура и традиција низ историјата на Македонија и македонската територија, обезбедувајќи консолидација и унифицираност на архивски, археолошки и други достапни историски и акуелни информации со детален опис на различни аспекти на винската индустрија од сорти на винова лоза до начини на одгледување, преку различни нивоа на производствени процеси за вино до начини, традиции и адети на конзумирање вино.
Ретки се земјите низ светот кои располагаат со винска историја, култура, традиции и обичаи како Македонија и македонската територија. За жал, само дел од историјата со археологија на винската култура и винските патишта се соодветно истражени, документирани и познати за домашната и светската јавност. Фактот што изминатиот период винската култура и индустрија во Македонија се развива и обновува забрзано, придонесува винариите да се здобиваат со сѐ повеќе домашни и странски корисници и љубители на македонски вина. Винскиот туризам полека зазема сѐ позначајна и влијателна улога во развој на руралниот туризам.
Проектот и иницијативата за издавање на винската енциклопедија е во соработка со три релевантни научно-образовни институции и тим од професори, доктори на науки и останати соработници. На промотивниот настан свое обраќање до присутните и медиумите имаа и претставниците од овие научни институции вклучени во проектот – деканот на на Философскиот факултет од Скопје, проф. д-р Ратко Дуев, проф. д-р Михаил Петков од катедрата за лозарство и винарство при Земјоделскиот факултет во Скопје, проф. д-р Виолета Иванова Петропулос од катедрата за прехрамбена технологија и преработка на анимални производи за при Земјоделскиот факултет во Штип.
Тимот на ВИНОПЕДИА го организира промотивниот настан во соработка со винскиот бар и ресторан The House Скопје.
ВИНОПЕДИА винските дегустации и настани со различни приказни ќе се одвиваат секој вторник до крајот на годината.
Повеќе информации за самите настани можете да прочитате и на VINOPEDIA | Wine encyclopedia.