Еден од најинвазивните видови во светот – црвената огнена мравка, има воспоставено колонии во Европа, предупредуваат научниците. Мравите со латинско име Solenopsis invicta се агресивен вид со потекло од Јужна Америка, но во текот на минатиот век нивното “царство” постепено се прошири и надвор од родните краеви во Бразил, Аргентина и Перу. Огнените мрави денес можат да се најдат во Северна Америка, Азија и ширум Океанија, а сега и во Европа.
Предупредувањата за нивното присуство доаѓаат само една недела по меѓународните проценки на Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистемски услуги (Intergovernmental Science-Policy Platform on Biodiversity and Ecosystem Services – IPBES) кои открија дека инвазивните туѓи видови секоја година ја чинат глобалната економија 423 милијарди американски долари. Сега, Шпанскиот институт за еволутивна биологија (IBE) го потврди пристигнувањето на еден мошне опасен штетник на Сицилија – црвените огнени мравки.
Иако на тлото на Европа има и други туѓи видови на мравки кои воспоставуваат свои колонии, научниците предупредуваат дека S. invicta е еден од најлошите инвазивни видови [и] може да се шири алармантно брзо.
Еволутивниот биолог Матија Менчети Менчети и неговите колеги од IBE отпатувале во Сиракуза за да ги истражат извештаите откако виделе фотографии објавени на интернет, кои прикаќувале нешто што личи на црвена огнена мравка. Тие собрале примероци од 88 гнезда нa локација со површина од 4,7 хектари во кои се сместени илјадници мравки-работнички. Менчети и неговите колеги сметаат дека мравките мошне веројатно се рашириле и надвор од оваа локација, особено ако се има предвид дека локалното население им кажало дека трпеле болни каснувања од мравки уште од 2019 година.
Како што укажува Менчети локалното население може многу да помогне за истражувачите и властите да се информираат за степенот на инвазијата преку иницијативи што би требало да бидат бргу воспоставени.
По потврдувањето на присуството на црвени огнени мравки на Сицилија, IBE направи симулација за можностите за ширење на видот. Имено, огнените мравки можат да преминат значителни растојанија користејќи го ветерот кој може да ги “оддува” до нови локации каде тие би воспоставиле нови колонии. Бродскиот и авионскиот сообраќај се исто така меѓу главните “вектори на пренос” на овој вид низ целиот свет – токму на ваков начин видот ненамерно бил донесен во Алабама (САД) во 1930-тите, во Тајван во 2003 година а веќе следната година и во континентална Кина. Пристаништата во Бризбејн, заливот Ботани и Фремантл служат како австралиски влезни точки од 2001 година.
IBE извади ДНК од матиците мравки пронајдени на секое од местата, со што било откриено дека генетскиот материјал на “доселениците” се совпаѓа со веќе познати колонии во Кина и во САД. Иако точниот пат по којшто видот влегол во Италија не е со сигурност потврден, сосема основано се смета дека мошне веројатен извор на инвазијата е комерцијалното пристаниште во Сиракуза , па истражувачката група препорачува континуирано следење на овој транспортен центар.
Ако е за утеха, треба да се каже дека присуството на црвените огнени мравки сепак успешно се контролира на други локации, но тие ретко се искоренуваат во целост. Ова од рака му појде само на Нов Зеланд.
Моделирањето на инвазијата како дел од студијата укажува дека околу 7% од Европа обезбедува погодно живеалиште и клима што би овозможило напредок на овој вид. Но со климатските промени и растот на температурите на годишно ниво, овој процент за потенцијален хабитат би можел да опфати и половина од стариот континент, при што особено загрозени се големите комерцијални урбани центри како Париз, Лондон, Рим и Барселона.